Достапни линкови

За што би се разговарало на лидерска средба?


Комбинирана фотохрафија - лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и лидерот на СДСМ Зоран Заев на предизборни митинзи
Комбинирана фотохрафија - лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и лидерот на СДСМ Зоран Заев на предизборни митинзи

Според некои аналитичари, целта на лидерската средба би била политички договор во корист на ВМРО-ДПМНЕ. Други, пак, сугерираат дека таа е единствен начин за решение на кризата.

Стратегија на ВМРО-ДПМНЕ за одолговлекување на состојбата и одбегнување правна одговорност, или, пак неопходен потег за да се дојде до решение - вакви спротиставени мислења имаат дел аналитичари на понудата од партијата на Никола Груевски за лидерска средба.

Оваа идеја ја презентираше пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Крсто Мукоски. Тој упати апел за средба, за како што рече, доброто на Македонија.

Но, политичкиот аналитичар Алберт Муслиу вели дека не е јасно зошто сега би се одржувала лидерска средба, бидејќи се знаело кое е решението. Според него, тоа е деблокирање на парламентот и трансфер на власта. Целта на ВМРО-ДПМНЕ, вели тој, уште од почетокот беше да се создаде атмосфера за некаков нов договор кој меѓудругото треба да понуди решение и за предметите што се водат или би се воделе за функционери од партијата.

„Лидерската средба треба за да се најде некое политичко решение кое евентуално би било во интерес на ВМРО-ДПМНЕ затоа што уставно-правните решенија се тие и водат кон формирање на нова влада во која нема да биде ВМРО-ДПМНЕ“, вели Муслиу.

Очигледно состојбата е заглавена и мора да се помрдне од мртва точка, а преку седнување на маса ќе се даде импулс, вели Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања Скопје. Тој не прецизира што би разговарале и што би произлегло од таква средба.

„Битно е да седнат на маса. Откога ќе се случи тоа би можеле да разговараме што би произлегло од неа, но ние се уште немаме консензус за лидерска средба“, вели Божиновски.

Од ДУИ сметаат дека сите политички средства за решавање на кризата се добродојдени. СДСМ, пак, веднаш реагираа дека нема потреба од такви средби, прашувајќи што би разговарале, бидејќи досега имало лидерски средби, се договориле и преку нив го постигнале и Договорот од Пржино.

На контакти на сите страни тогаш инсистираше и меѓународната заедница, која засега нема такви барања, туку постојано нагласува дека е потребно претседателот Ѓорге Иванов да ја преиспита одлуката за мандатот, а брзо да се избере претседател на Собранието.

„Меѓународната заедница секогаш сака да се најде брзо решение. Но кога ќе стане јасно дека нема брзо решение и меѓународната заедница ќе почне со предлози, совети, инсистирања за средби, значи исто како што беше“, вели Божиновски.

Според Муслиу, меѓународната заедница не инсистира на средби затоа што како што вели има излезно решение, формирање на влада врз основа на новото парламентарно мнозинство. Ако работата се закочи подоцна, откога ќе почне да функционира таквата влада, тогаш ќе бидат отворени и таквите механизми, додава Муслиу.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG