Очите на меѓународната заедница остануваат свртени кон Македонија, механизми за справување со кризата во земјата постојат, но засега за санкции не станува збор, оти и странците се внимателни до каде би оделе со притисокот за да не придонесат до дополнително загревање на состојбите.
По интензивните пораки на меѓународната заедница за деблокирање на процесите во Македонија, на ред е да размислат за односот кон македонските политичари. Постојат многу механизми, но за санкции е веројатно рано да се зборува, иако не е нереално, вели професор Никола Дујовски од Факултетот за безбедност.
„Санкциите нема да вродат со плод, тие никогаш не вродуваат со плод на начин на кој се очекува да помогнат на тој што се однесуваат да го промени своето мислење. Конкретен пример е Руската Федерација, со години има санкции кон неа, меѓутоа Русија е поинаква држава, тие издржуваат без тоа.“
ЕУ може да ги секне парите за Македонија
Дујовски предлага ЕУ да ги преиспита парите што преку фондови и ги доделува на Македонија. Според него, на тој начин ќе бидат засегнати многу профили на луѓе, како земјоделци, професори, ученици, локалната самоуправа која користи пари од Унијата.
„Тоа може многу повеќе да влијае отколку поединечни, индивидуални санкции кон одредена институција во Македонија. За тоа видовме нашите политичари воопшто не обраќаат внимание, особено политичарите од сегашното мнозинство или сегашната влада, воопшто не се загрижени дека ќе имаат блокирани сметки или нема да им биде дозволена посета на некоја европска држава или нема да им биде дозволен прелет над некои држави. Тие не се загрижени за тоа, затоа што се тука, едноставно нема каде да одат, нивната политика нема да ја променат какви било санкции кои ќе се однесуваат на нив“, изјави Дујовски.
За санкции јавно не станало збор
Ниту еден висок европски функционер јавно не изјавил дека санкции се можни. Сите предупредувања доаѓаа од извори кои инсистираат на анонимност. Единствено, известувачот за Македонија во Европскиот парламент и словенечки европратеник Иво Вајгл, во интервју за порталот НоваТВ пред еден месец, рече дека одложувањето на гласањето на извештајот за Македонија во Европскиот парламент може да се смета како одредена опомена или санкција, но ако кризата може да доведе до нестабилност во регионот, тогаш ќе се разговара и за „други чекори“.
„Јасно е дека ЕУ има и други инструменти, почнувајќи од финансиски. Ако кризата се продолжи, ако тоа може да доведе до сериозни реперкусии, до нестабилност во регионот и во Македонија, ќе треба да се разговара и за други чекори“, рече Вајгл.
Весникот Фајненшл тајмс, во текст за можните санкции кон македонските политичари, објави дека за такво нешто е неопходна согласност од сите земји-членки на ЕУ и оти тоа речиси сигурно ќе наиде на противење од страна на унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој има блиски односи со Македонија.
Трпението на Европската унија истекува, а можен следен чекор се санкции, изјавува Гарет Мартин, професор на Американскиот универзитет и експерт од Европскиот институт во Вашингтон, во интервју за Гласот на Америка. Тој вели дека на располаѓање се механизми како - замрзнување на капитал, забрана за патување, но има и други.
„Европската унија може да ја искористи и нејзината финансиска моќ, како што направи и минатата година, кога одлучи да ѝ скрати на Македонија дел од предвидените средства, поради неспроведување на реформите. Тоа е уште еден начин да се направи притисок врз Иванов“, изјави Мартин.
Како еден од начините за излез од кризата тој посочува дека лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ може да се договорат одредени луѓе од ВМРО-ДПМНЕ да добија имунитет.
„Иако тоа нема да биде популарна мерка на краток рок, може да обезбеди општествен мир“, вели тој.
Европа нема да дозволи Македонија да стане пример за балканските лидери
Aлармот во Брисел и во Вашингтон е вклучен, а меѓународната заедница има широка лепеза механизми за кризен менаџмент, вели професор Нано Ружин. Еден од методите, според него, е дипломатите да имаат отворени разговори со домашните субјекти, а во одреден период тие односи би се заостриле, доколку дојде до инциденти кои би ја загрозиле регионалната безбедност. Во некоја трета фаза, вели Ружин, би следувал огромен притисок врз сите субјекти, кој ќе вклучува конкретни чекори.
„На пример притисок врз албанската страна евентуално да ја повлече платфорамта. Постојат многу подсистемски решенија, да се одложи на одредено време..., но на тој начин Македонија сè повеќе ќе тоне, и ќе се претвори во еден вид на дипломатски протекторат, бидејќи ќе се дојде до сознание дека не е во состојбата да ја реши кризата.“
Тој вели дека во игра остануваат и сите различните форми на казнување и санкции.
„Како што се изолирање, црна листа на оние кои не можат да ја напуштат државата и да не можат да ги посетат државите во Шенген зоната, до заплена на имот, меѓутоа за тоа се потребни многу поголеми прекршувања. Меѓутоа кај нашата политичка елита како да не постои свест за моќта на меѓународната заедница и што се може таа да направи.
Европа е решена да ја истера оваа работа до крај, затоа што доколку случајот на Македонија стане модел за балканските лидери, Балканот целосно ќе се дестабилизира, вели Ружин.
До каде може да се оди со казнувањето?
Професор Денко Малески вели дека меѓународната заедница има механизми за решавање на „македонската формула“, но прашањето е до каде можат да одат во користење на истите, а да не предизвикаат сериозни внатрешни проблеми.
„Во такви услови, претпоставувам, претставниците на Европската унија се наоѓаат пред една ужасна дилема - ако наметнат санкции ќе ја влошат ситуацијата внатре во земјата, ако наметнат санкции врз поединци, што е можеби поблага варијатна, исто така може да се влоши ситуацијата внатре во земјата. Ние не сме држава која може да издржи долго под некакви сериозни санкции“, вели Малески.
За евентуални санкции кон високи политички личности од Македонија и нивни соработници интензивно се пишуваше лани, откако претседателот Ѓорге Иванов помилува 56 луѓе кои беа под истрага на СЈО. Тогаш извори од Европската комисија брифираа дека со помилувањето, Иванов го поништува договорот од Пржино, но по укинувањето на аболициите, заканите за санкции стивнаа.
ЕУ и се закани на Унгарија за политиката на Орбан
Европската унија и се закани на Унгарија со судски и и други акции околу потезите на премиерот Виктор Орбан за кои се страхува дека се против вредностите на Унијата за основните прва и демократијата. Освен со законот кој е закана за Централно европскиот универзитет деновиве беше покрената и кампања под името „Стоп за Брисел“.
Гоце Атанасов
Огорчена подолго време од она што го гледа како авторитарни тенденции на премиерот Орбан, Европската унија е сè позагрижена поради новите унгарски закони за кои страхува дека ги намалуваат слободите и се против правилата за барање азил. Сето тоа кулминира по усвојувањето на законот за образование со кој му се заканува затворање на Универзитетот во Будимпешта основан од американскиот финансиер Џорџ Сорос. Првиот заменик претседател на Европската комисија Франс Тимерманс на прес-конференција одржана откако комесарите расправаа за Унгарија, изјави дека овој универзитет треба да биде заштитен. Според него, Унијата ќе оцени дали новиот закон за образование ги крши европските закони што може да доведе Унгарија да се најде на суд.
Ласло Палкович, унгарски секретар за образование, пак, вели дека овој закон не е против Централноевропскиот универзитет.
Во Будимпешта почна да се протестира против таа можност, а еден од учесниците Роберт Ференци вели:
„Секој ден нешто се случува што некако и штети на демократијата. Ова некогаш се забрзува, некогаш се забавува. Неодамна беше забрзано. Не знам до каде можат да одат работите. Секогаш кога мислев дека не може да биде полошо, станува полошо.“
Унгарските пратеници наскоро ќе го разгледуваат и предлогот на владејачката партија Фидес на премиерот Орбан со кој ќе се бара од невладините организации кои примаат над 24 илјади долари годишно од странство да се регистрираат кај властите.
Во меѓувреме, Тимерманс најави дека Европската комисија подготвува официјален одговор и на унгарската кампања „Стоп за Брисел“. Станува збор за своевиден прашалник испратен до унгарските семејства кои треба да се изјаснат главно за мигрантската политика, една од главните точки на спорот меѓу Брисел и Будимпешта. Посматрачите велат дека Европската комисија ќе има тешкотии да воведе построги санкции, на пример суспензија на гласот на Унгарија во Унијата. Најголем противник на тоа е Полска, која исто така е критикувана од Унијата за нејзините потези што водат кон ограничување на слободата во таа земја.
Стратешки партнери или први непријатели?
Иако еден од стратешките приоритети на Владата останува евроатлантската интеграција, во последниот период јавноста е сведок на антиевропско расположение и негативни и навредливи пораки кон странските дипломати. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, по изборите во говор пред ДИК обвини дека некои амбасадори почнале премногу да се мешаат во внатрешната политика во Македонија и рече дека нема да учествуваат на меѓупартиски преговори со посредство на странци. На протестите во организација на иницијативата „За заедничка Македонија“ може да се видат транспаренти со антиевропски пораки, пораки против странски амбасадори и против странско мешање во земјата. Во пораките против странците не заостанува ниту претседателот Иванов, кој во неколку наврати и порача на меѓународната заедница дека штом се воздржала од осудување на платформата на партиите на Албанците во Македонија, треба исто така, да се воздржи и од наметнување решенија за излез од кризата.