На најновите пораки од Соединетите Американски Држави и од Европската унија, ВМРО-ДПМНЕ одговара дека имаат право на дискусија, а СДСМ смета дека пред се насочени кон претседателот на државата Ѓорге Иванов и кон партијата на Никола Груевски.
САД и ЕУ имаа речиси идентични пораки - брз избор на претседател на Собранието, брзо формирање влада, а политичарите да не прават опструкции на демократските процеси.
„Загарантирано право на дискусија согласно Деловникот за работа на Собранието и согласно законите не е, ниту може да се смета за каква било опструкција“, вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Иво Котевски на прашањето како ги коментираат најновите пораки од САД и ЕУ.
Од СДСМ, пак, велат дека пораките од ЕУ и САД повеќе се насочени кон ВМРО-ДПМНЕ и претседателот Иванов како кочничари на процесите на државата, кои како што нагласуваат, веќе се препознаени и посочени како такви и од домашната и од меѓународната јавност.
И досега претставниците на меѓународната заедница упатуваа и јавно и директно зад затворени врати слични пораки до ВМРО-ДПМНЕ и претседателот, но сега, овие пораки се ,пред се, наменети до парламентарното мнозинство, смета политичкиот аналитичар Џелал Незири.
„Парламентарното мнозинство како се уште да чека да се предомисли ВМРО-ДПМНЕ и претседателот Иванов и да го одблокираат целиот процес за формирање на новите институции согласно легитимитетот добиен од последните парламентарни избори“, вели Незири.
САД преку Стејт департментот побараа од македонските лидери да сторат се што можат за формирање на Влада без натамошно одлагање. Наведуваат и дека ќе работат заедно со европските партнери на охрабрување на политичарите кои се обидуваат да го блокираат формирањето на Владата да престанат со нивните опструкции, вклучувајќи и како што пишуваат земање на одговорност за нивните постапки.
„И порано имаше суптилни укажувања во однос на блокирањето на институциите од ВМРО-ДПМНЕ и претседателот Иванов, но сега најексплицитно и најдиректно е кажано дека со блокирањето на процесот фактички се става во опасност не само Македонија туку и целиот регион“, вели Незири.
Европската комисија, пак, поконкретно побара од Иванов да ја преиспита одлуката и владата да се оформи без понатамошно одложување врз база на парламентарното мнозинство кое е формирано. Тие ги повикаа сите политички лидери и институциите да дозволат демократските процеси да го продолжат својот тек нагласувајќи дека тоа вклучува избор на спикер на Собранието, без понатамошно одложување.
Од ДУИ топката веќе ја префрлија кај ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Нивниот лидер Али Ахмети ги посочи двете партии како најодговорни за наоѓање излез од кризата.