Достапни линкови

Гутиерез – Груевски и функционерите се одговорни за нападите врз новинари


Прес-конференција на претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Насер Селмани и претседателот на Европската федерација на новинари Рикардо Гутиерез во Скопје
Прес-конференција на претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Насер Селмани и претседателот на Европската федерација на новинари Рикардо Гутиерез во Скопје

Владините функционери и политичари, меѓу кои и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, имаат јасна одговорност за неодамнешните напади врз новинари, вели претседателот на Европската федерација на новинари Рикардо Гутиерез.

Државните функционери и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски имаат одговорност за неодамнешните напади врз новинари во Македонија, рече претседателот на Европската федерација на новинари Рикардо Гутиерез денеска во Скопје. Тој рече дека Македонија е една од петте земји во Европа во кои има затворени новинари, покрај Турција, Азербејџан, Црна Гора и Русија.

Тој денеска даде поддршка на барањата на Здружението на новинари на Македонија да бидат казнети насилниците врз новинари. ЗНМ исто така се противи на идејата за регулација на интернет порталите и медиумските содржини.

Гутиерез вели дека во изминатите пет години неколку пати ја посетил Македонија и оти сè уште е загрижен.

„Антиновинарската реторика од јавните функционери и од македонските политичари, вклучувајќи го и господинот Груевски, но и некои други политичари, мислам дека тие имаат јасна одговорност во однос на неодамнешните напади врз новинарите“, вели Гутиерез.

Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, ја осуди ескалацијата на насилството врз новинари и побара казнување на насилниците. Тој рече дека минатата година имало рекорден број напади врз новинари.

„Бројот на нападите се зголемува, се зголеми минатата година, што говори за јасната тенденција за ескалација на насилството. Половина од регистрираните 45 напади во последните четири години се случиле во 2016 година, а само во првите три месеци од 2017 година имаме нови пет напади. Уште еднаш ги повикуваме институциите да ги казнат насилниците, во спротивно тие ќе сносат одговорност за евентуалните последици“, вели Селмани.

Тој исто така се противи и на најавите за законска регулација на интернет порталите и медиумските содржини. Повеќе закони, значат помалку слобода за медиумите, вели Селмани.

„ЗНМ со индигнација ја одбива глупавата идеја за регулација на медиумските содржини. Секој професионален новинар треба да одбие државата да ја оценува неговата работа како новинар. Во слободниот свет новинарската етика се решава со саморегулаторни механизми, а не со вмешување на државата во работата на новинарите, која треба да глуми одговорен уредник на медиумите и да изрекува парични казни за новинари коишто не работат според нивниот вкус“, вели Селмани.

Гутиерез ,исто така, вели дека нема потреба од дополнителна регулација, зашто интернет порталите веќе се регулирани со законите за клевета и навреда.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG