Милена Арсовска – Од „Златно славејче“ до светските оперски сцени

Милена Арсовска, оперска пејачка

„Гласот на славејот“ е насловен претстојниот симфониски концерт на Македонската филхармонија, на кој со оркестарот ќе раководи маестро Даниел Рајскин од Русија, а како солист ќе настапи сопранистка Милена Арсовска, една од најистакнатите македонски оперски певици која годиниве наназад успешно ја гради кариерата на европските сцени.

Милена Арсовска, некогашното распеано девојченце чиј талент бил забележан уште во една од скопските градинки и потем потврден на фестивалот „Златно славејче“, сопранистката која дипломира соло-пеење на Факултетот за музичка уметност во Скопје и магистрира на Универзитетот за музика и уметности во Виена, денес е една од најистакнатите македонски оперски певици со европска кариера.

Со ангажмани на сцените и во Магдебург и Прага, репертоар кој ги вклучува улогите на Лаурета во „Џани Скики“, Памина и Папагена во „Волшебната флејта“, Евридика во „Орфеј во подземјето“, Блонда во „Грабнување од сарајот“ и Церлина во „Дон Џовани“, неколку снимени изданија (од кои според критичарите особено е бележита нејзината изведба на „Чичестерови псалми“ од Леонард Бернштајн со Камерниот оркестар на Виена), турнеи низ Германија, Италија, Шведска, Шпанија, Франција, Малта, Холандија и САД, таа недвојбено го живее својот интернационален уметнички сон.

„Најискрено да ви кажам уште од прва година средно музичко училиште мојот сон беше Виена. Од каде дојде тоа, не се сеќавам, но отсекогаш сакав токму таму да пеам. Тоа беше мојот вистински сон. Во почеток не можеше да се реализира од многу работи, но по завршувањето на факултетот едноставно започнав да се трудам тоа да го направам. Сè почесто бев на мастер класови таму, да размислувам како да се усовршам, да станам подобар уметник, да научам нешто повеќе. И едноставно се поклопија коцките. Сега го живеам својот сон – да бидам дел од светската оперска сцена“, вели Арсовска.

Tаа дополнува дека патот до обистинувањето и не бил така лесен. Дека особено тешко и паднала разделбата со најмилите, дека морала многу да вложува во усовршувањето, учењето јазици, постојаните селидби, но дека кога човек ќе се најде пред вратата на успехот, решен е да жртвува многу нешта за да стигне до целта.

„Јас сум борец и тоа силно ме мотивираше. Една таква средина ме направи појака и ми покажа дека со труд сè се постигнува. Дека работата и дисциплината се единствениот пат до успехот. И многу сум среќна поради таа животна школа што ја научив таму. Видете, сите имаат талент, ама талентот е само мал процент од нештата. Работата е како тој талент да го задржиш и мислам дека успешни се оние кои остануваат дословни на тоа колку ќе работат и како ќе го издржат целиот товар којшто го носи професијата“, појаснува певицата.

Од друга страна, таа истакнува дека нималку не и е лесен номадскиот живот што засега мора да го живее. Во изминативе две години Милена е ангажирана во Национална опера Прага, во Национален театар Острава исто така во Чешка, во Националниот театар Магдебург и оној во Вајмар во Германија, а живее во Виена каде што е често на концертните подиуми.

„Само во последните четири месеци бев на три различни локации, во различни држави, постојано патував, куферот не стигнував да го распакувам и сето тоа не е воопшто лесно. Но, едноставно желбата и пасијата која ја имам за пеењето го надминува сето тоа. Веројатно еден ден сето тоа ќе ми биде доволно и ќе сакам да бидам на едно место, да работам во една оперска куќа. Сепак, сега за сега сево ова сè уште ми е возбудливо, интересно“, вели таа.

Инаку, професионалниот живот на сопранистката го менаџираат четворица агенти (два во Германија и по еден во Австрија и Чешка), од таму таа неслучајно знае да каже дека „кога има работа се доаѓа заедно, за да потем некој период и биде помирен и се оддаде на учење нешто ново, да си го збогати и социјалниот живот“. И најважно од сè, со отворени очи, сè уште ги сонува големите оперски ролји.

„Една од улогите кои многу би сакала да ја пеам е Сузана во „Свадбата на Фигаро“ и многу сум среќна што еве пред три дена ми јавија конечно сум ја добила. Ќе ја пеам следната сезона, значи во 2018 година, во Германија. Исто така и „Травијата“ е една од моите неостварени улоги, за неа има уште време оти не е за млади пејачи, потоа тука е и Ѓилда во „Риголето“... Во секоја од овие улоги наоѓам карактерни особини кои би сакала да ги одиграм на сцената. Впрочем, таква сум, „се вљубувам“ во ликовите што ми ги доверуваат и додека трае проектот неизмерно уживам во она што го работам. Ми причинува особено задоволство“, вели таа.

Кон ова само уште информацијата дека нејзиниот глас може да се слушне и во македонските филмови „Големата вода“ и „Војната заврши“, а таа не ги исклучува ни натамошните ангажмани во повеќе различни уметности.

„Уметноста е многу широка и спојува многу дисциплини. Јас милувам да сликам, кога можам и пишувам, инспиративна ми е и глумата. Би сакала да се пробам во повеќе нешта, иако знам сум најдобра во пеењето и би останала во тоа опкружување“, вели Арсовска.

И по сè, една ваква надоаѓачка светска оперска дива како Милена Арсовска ќе биде солистка на концертот „Гласот на славејот“ на Македонската филхармонија, со која овој четврток, во 20 часот, во Дом на АРМ, ќе диригира извонредниот Даниел Рајскин од Русија.

„Големо е задоволството да се пее пред нашата публика. И после толку години драго ми е да бидам дел од овој концерт на кој за првпат на македонската музичка сцена, ќе биде изведено делото „Три песни за сопран и оркестар“ од современиот аргентински композитор Освалдо Голијов, кој е познат по својата музичка хибридност - комбинација на традиционалната камерна музика, еврејските литургии и музиката клезмер со примеси на новото танго на Астор Пјацола. А, тука се и премиерата на „Хипнагогија во Тулијанум“ на младиот Никола Крстевски (прва награда на конкурсот на Министерството за култура во 2015 година н.з) и Симфонија бр. 5 оп. 55 во b-moll „Херојска“ од рускиот композотор Александар Глазунов“, вели таа.

За жал, по настапот со Дуке Бојаџев и дел од Македонската филхармонија на Охридско лето и оној на Денови на македонска музика, ова нејзе ќе и биде само трет настап во последниве седум години во татковината. Нејзините успеси на европските сцени изгледа не тангираат никого од одговорните во МОБ.

„Поминав шест години во МОБ и тоа е првата моја оперска куќа. Таму првпат застанав на сцена, научив како е да се биде дел од еден ансамбл, како да се учествува во еден проект, работи кои потоа ми помогнаа да бидам успешна во Европа. Во секој случај, би ми било огромно задоволството повторно да настапам во МОБ. Се надевам дека набрзо ќе стапиме во контакт и дека од тоа ќе произлезе некаков договор за една идна убава соработка“, вели Арсовска.