Наумоски со „светата геометрија“ во скопската галерија „Флукс“

Дело на Благојче Наумоски - Бане

„Позитив – Негатив преобразби“ е насловена 17-та самостојна изложба на Благојче Наумоски - Бане, што од 1 ноември се одржува во скопската галерија „Флукс“. Станува збор за нов концептуален проект на уметникот и за постановка чија цел е да покаже дека, иако сите суштества на планетата земја со својата дуалистичка природа живеат во постојана борба на позитив/негатив, енергијата е таа што се обновува, нè обновува и обединува.

Дваесет и седум објекти, цртежи на лимени и дрвени плочи и текстови чија функција е да проговорат за суштината и идејата на целиот проект, ја чинат 17-та самостојна изложба „Позитив – Негатив преобразби“ на Благојче Наумоски - Бане, што од 1 ноември се одржува во скопската галерија „Флукс“. Станува збор за нов проект, кој патем доаѓа последователно на веќе презентираните „ IN – OUT ENERGY“, „IN – OUT – ILLUMINATION“ или „Визуелноста на просторноста на квантумот“ каде се бавеше со науката и уметноста, но во случајов тој потрагите ги продолжува фокусирајќи се на геометријата.

Во експликацијата за своите сфери на интересирање, Наумоски знае да каже дека геометријата е „егзактна“ наука. Дека таа не остава ништо на случајноста и дека освен своите аксиоми, може да оправда сè што учи. Вели дека е прецизна и дефинитивна, дека со неа купуваме и продаваме сè на планетава земја и дека тоа му било императив да премине на еден нов проект насловен како „Позитив – Негатив преобразби“, проект што го сведува на минимум и на максимум, на позитив и негатив и во однос на геометријата и во однос на материјалите – лимот и дрвените плочи. Дополнува дека ако фрлиме поглед во историјата ќе забележиме дека „светата геометрија“ е крајно адаптабилна и дека постојано еволуира. Тоа биле нештата што го фасцинирале и кои го натерале да ги продолжи зачнатите потраги пред некаде четири години, за ги заокружи, затвори и да продолжи натаму со нова тема. Тема во која се зборува за потрагата на човекот по суштественото, по духовното, божественото, како и самоспознанието каде што таа е секогаш присутна. Згора на тоа истакнува дека во проектот е многу важна и слободната форма на енергијата, нејзиното кружење и самообновување исцртано на графиконите. Едноставно, уметникот решил да ја прочисти формата, да ја сведе на чисти геометриски принципи изразени преку линија и цртеж и да му даде ново значење на просторот.

„Третирањето на „светата геометрија“ и нејзините симболи во моиве дела укажува на поврзаноста на човекот со природата и неговата флексибилност за обновување и опстанок и покрај неговата природна тенденција кон деструкција. Всушност, тоа е целата концепција на оваа изложба“, потенцира Благојче Наумоски – Бане.

Благојче Наумоски - Бане, сликар

Тој е категоричен во настојбата и натаму да истражува сè додека нештото не се исцрпи. Впрочем исто онака како што го работел проектот со рентген-снимките во „ IN – OUT ENERGY“ со кои се задржал до 2014 година кога преминал на сосема други медиуми и друга тематика во однос на енергијата и „светата геометрија“.

Ова, со новите медиуми, дрво, метал, па и со видео, нуди многу можности за нови потраги. И во однос на геометријата, на науката, на поврзувањето на науката и уметноста. Таа секогаш доволно провоцира и мислам дека и понатаму, барем одреден период, ќе останам да се занимавам со неа.

Роден 1985 година во Кичево, Благојче Наумоски – Бане дипломирал на ФЛУ во класата на професор Рубин Корубин, а магистрирал во 2009 кај професор Јован Шумковски. Истата година станува член на ДЛУМ и на Арт И.Н.С.Т.И.Т.У.Т, а од 2015 своето делување го продолжува и во уметничкиот колектив АД АКТА.

Наумоски досега, освен во земјава, има изложувано во Германија, Словенија, САД, Канада, Франција, Израел, Чешка, Полска и во земјите од регионов. Учествувал и на повеќе перформанси и ликовни колонии, а работи како доцент на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет.

Прашан за натамошните патешествија на неговата уметност, тој на шега забележува дека во Македонија му останала „неосвоена“ уште галеријата „Флукс“ и дека сега намерата му е да го почне „својот нов уметнички поход на Европа“. Во таквите намери, како што појаснува, голема поткрепа има од својот колега, пријател и галерист Горан Менков, со кога „заедно го скоцкале проектот“, и дека следната станица им е Виена, Австрија, наредната 2017 година.