Достапни линкови

Хаику-графиките на Томиќ-Радевска во галеријата „Борко Лазески“


Дело на сликарката Дијана Томиќ – Радевска
Дело на сликарката Дијана Томиќ – Радевска

Со отворање на изложбата на графики „Приказни и кратки забелешки“ на Дијана Томиќ – Радевска, вечерва во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, во функција ќе биде ставена и новата ликовна галерија што го носи името на големиот македонски уметник и еден од основоположниците на нашето современо сликарство – Борко Лазески.

Шеесет графики, работени во линорез и дрворез, ја чинат најновата изложбата „Приказни и кратки забелешки“ на Дијана Томиќ – Радевска, што ќе биде отворена во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп.

Говорејќи за постановката, таа вели дека во денешново време на пренатрупаност со информации, на еден живот што сите нè вметна во моменти кои не ни се допаѓаат, критичкиот став како уметник гледа да го претстави преку нејзините забелешки работени во класични техники. Појаснува дека техничкиот фактор бара време, меѓутоа дека размислувањето додека ги работи е многу значајно. Дека нејзините записи се всушност уметнички оти ако писателот пишува со зборови, таа пишува со бои. Со потези. Во тој смисол ја дава и асоцијацијата на самото име на изложбата - „Приказни и кратки забелешки“.

„Приказните еден дел се посветени на хаику поезија на којашто соработував со поетесата Дијана Петкова. Тоа се 40-на графики – одговор на тие поетски забелешки, а другите се во личен стил – кратки, јасни, чисти, не многу колоритни меѓутоа за мене многу битно минималистички сработени. Со еден потег, со многу малку елементи да се кажат, ако е возможно, суштински работи“, истакнува Томиќ – Радевска.

Сликарката Дијана Томиќ – Радевска
Сликарката Дијана Томиќ – Радевска

Како автор, таа е фокусирана е на графиката, инсталациите, видеото и дизајнот и освен во земјава со успех самостојно се претставувала во Италија, Германија, Холандија, САД, Хрватска и во соседна Србија.

Зад себе има бројни групни постановки, член е и основач на групата „Круг“ и добитничка е на неколку значајни признанија на ДЛУМ, како и на диплома и златен медал на галеријата Модиљани од Милано (1996) и на наградата „Љубомир Белогаски“.

Во овој контекст, уметницата знае да каже дека времето во кое живееме за неа секогаш е тема за размислување. Дека вистинскиот творец не спие и кога спие, оти тогаш сонот се преплетува со јавето. Од таму таа разните коментари би сакала да ги даде и во некои други медиуми, но дека и треба можност и простор сето тоа добро да го осмисли.

„Не сум од оние уметници коишто брзаат да го изложат она што го работат само за да вбројат изложби, туку сакам да биде направено чесно, искрено, со коментар којшто ќе тежи. Работам и видео и други медиуми и објекти, во план ми се неколку заокружени проекти, меѓутоа сè уште немам храброст ниту да ги договорам, ниту да конкурирам. Затоа за нив ќе почекам некое идно време за кое се надевам дека ќе дојде наскоро“, вели таа.

Инаку, со нејзината изложба во функција ќе биде ставена и новата ликовна галерија на Центарот за култура „Марко Цепенков“ којашто ќе го носи името на големиот македонски уметник и еден од основоположниците на нашето современо сликарство – прилепчанецот Борко Лазески.

„Нам од поодамна ни фалеше еден таков простор затоа што имаме помали, покамерни изложби кои очигледно во другите два салона не можат да се вклопат. Еве сега галеријата „Борко Лазески“ ја отвараме со графиките на Дијана Томиќ – Радевска, следната изложба ќе биди керамика од Филип Фидановски, така што овој простор нам ни беше прекупотребен и мислам дека прилепчани ќе уживаат во сето она што во иднина овде ќе биде претставувано“, потенцира Тони Чатлевски, директор на оваа културна установа во градот под Маркови кули.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG