Скопје добива уште еден интернационален филмски фестивал. Во перидот од 5 до 9 октомври, на две локации – Кино Култура и Кинотека на Македонија, ќе се одржи првото издание на „Киненова“, фестивалот концепциски близок до оној во Ротердам и уште неколку глобално слични, чија цел е да открива нови авторски имиња кои надоаѓаат во светот на филмот и да им даде јасна поддршка и поттик, но и простор каде би ги претставувале и афирмирале сопствените дела.
„Идејата потекна од тоа што еве нели и јас сум млад автор и знам колку тешко се пробива патот и колку тоа млади автори има во светот, нормално и во Македонија, коишто се пробиваат или се обидуваат да се пробијат во седмата уметност. Затоа сметав дека имаат уште еден таков простор, да речеме еден ексклузивитет, да добиеме еден добар меѓународен настан каде што ќе гледаме дебитантски филмови на идните големи режисерски и сценаристички имиња од светот“, вели режисерот, сценарист и продуцент Небојша Јовановиќ, кој во случајов е и директор на Фестивалот.
„Киненова 2016“ ќе понуди две натпреварувачки програми: главна и официјална селекција на кратки филмови. Во главната програма, освен „Слава“, ќе бидат прикажани и филмовите „Длабочини 2“ на Огњен Главоњиќ од Србија, „Фаќање“ на Американецот Мика Маги, „Прекин“ на грчкиот режисер Јоргос Зоис, „Два лоза“ од Паул Негоеску од Романија, „Бафало“ на Иранецот Кавех Сајад Хосеини, „Патот за Ла Паз“ на Франциско Вароне од Аргентина и „Џонатан“ во режија на Пјотр Левандовски од Германија.
„Јас ја гледам оваа селекција како една капсула, баш онака интензивна капсула на една нова свежа мисла, свежа идеја на гледање на светот на луѓе коишто се дури не толку многу млади по години колку по дух и некаков различен поглед од она што нам ни е вообичаено“, ќе рече новинарката и членка на Меѓународната федерација на филмски критичари ФИПРЕСЦИ, Марина Костова, селекторка на програмата на „Киненова“.
Во ревијалниот дел на Фестивалот се предвидени програмите Панорама на светски филм, Балкански преглед и Прв и последен филм на истакнат филмски автор, во чии рамки годинава ќе бидат прикажани остварувањата на Корнелиу Порумбоју од Романија, режисерот на фантастичните „Четири месеци, три недели, два дена“, „Смртта на Лазареску“ и „Позата на детето“...
На фестивалот ќе бидат доделени неколку награди - награда за најдобар долгометражен филм, за најдобра режија, за најдобро сценарио. За нив ќе одлучи стручно жири составено од творци како Разван Радулеску како претседател, инаку еден од најпродуктивните романски сценаристи, Мира Фурлан – една од најистакнатите театарски, филмски и телевизиски актерки во поранешна Југославија, бугарската продуцентка и членка на Европската филмска академија Галина Тонева, нашиот Мето Јовановски и италијанскиот продуцент Марио Мацарото. Тие ќе доделат и награда за најдобар краткометражен филм.
„Живеам во Америка каде што е многу тешко да се видат европските филмови. На некој начин ние живеејќи во Европа бевме многу поинформирани за случувањата во светскиот филм. За да ги видиш тие т.н „уметнички филмови“ ќе треба многу да патуваш, мораш навистина многу да се потрудиш. И излегува дека иако живееш во Лос Анџелес, во Холивуд – престолнината на филмот, ти си многу подалеку од филмската продукција отколку во Скопје. И затоа ми е навистина драго што сега ќе имам можност да го видам најдоброто од новиот авторски филм“, истакнува Фурлан.
Итересно е и тоа што на платформата за дебитантското издание на „Киненова“ пристигнале 4.100 пријави за учество на филмови од целиот свет, од кои 1.100 долгометражни, што подразбира дека постојат реални шанси случувањето да фати корен и да се вброи во редот на оние пред кои е убава иднина.
„Најдолгиот пат, како што велат Кинезите, почнува со првиот чекор. Веруваме дека и покрај тоа што е можеби несигурен, ќе биде голем и успешен за да стигнеме до вториот – идната година“, појаснува Љупчо Тодоровски Упа, актер, продуцент и сценарист и уметнички директор на Фестивалот.
Инаку, на „Киненова 2016“ својот фаворит од Главната програма ќе може да го одбере и да награди и публиката, а во рамките на Фестивалот ќе се одржат филмска работилница и мастер клас.
Конечно, организаторот за оваа пригода предвидува и прикажување на филмовите и во Велес, а веќе од идната паралелно со оние во Скопје се планирани и проекции во повеќе градови од Република Македонија.