„После седум години постоење, со задоволство можам да кажам дека „МакеДокс“ континуирано расте но не старее, туку напротив, се подмладува во секој аспект од своето битисување, како од содржински така и од организациски аспект, и стана фестивал кој со својата автентичност е познат не само во национални туку и во меѓународни рамки. Потврда за тоа се преку четиристотини апликации со филмови за овогодишното издание, бројот на гости, кој годинава се искачи на значајна бројка од 53 документаристи од целиот свет, поддршката која Фестивалот ја доби од Медија програмата на „Креативна Европа“, како и постојаните пофалби кои со суперлативи ги изразуваат сите кои не посетиле или биле дел од „МакеДокс“.
Ова ќе го забележи Киријана А. Николоска, директорка на „МакеДокс“, во пресрет на седмото издание на на единствениот македонски фестивал што во целост е посветен на современата и креативна документарна филмска продукција, кој од 20 до 26 август, ќе се одржи под отворен небо во Куршумли-ан, Чифте амам и во Музејот на современата уметност во Скопје.
А, на него, под мотото „Сите сме приказна“, наместо триесетина како во минатите години ќе бидат прикажани вкупно 63 креативни документарци, распоредени во пет програмски целини: Главна програма, Нови автори, Руски снег, Кратки документарци и Студентски приказни.
„Седмото издание на фестивалот е посветено на раскажувачите, бидејќи во документарните дела нема однапред напишано сценарио, а приказните ги раскажуваат протагонистите во филмовите“, вели селекторката Петра Селишкар.
Таа дополнува дека Фестивалот ќе биде отворен со една топла и тажна приказна базирана на музиката и песните на словенечкиот актер, режисер, поет и писател Фране Милчински - Јежек, раскажана во документарниот филм „Мојот превртен свет“, инаку македонско-словенечко-хрватска копродукција. Појаснува дека овојпат на манифестацијата ќе бидат присутни филмски остварувања и автори кои се во врвот на современата документаристика, како Патрицио Гузман со неговото „Бисерно копче“, Андреас Џонсен со „Бубачки“, Клаудија Тоси со „Совршениот круг“ и дека за спуштањето на завесата на „МакеДокс 2016“ е предвиден „Пожар на море“ од Џанфранко Роси, добитник на „Златна мечка“ во Берлин. Истакнува дека во селекцијата на кратки документарци ќе биде прикажан „Балада за жабите“ на Леонор Телес, исто така овенчан со „Златна мечка“ на берлинскиот фестивал, и дека од Русија го носат најзначајниот тамошен современ автор Виталиј Мански со „Под сонцето“, приказна снимена во Северна Кореја.
А, кога сме веќе тука да кажеме и тоа дека овојпат земја во фокусот е Русија. Во рамките на селекцијата „Руски снег“, како што велат организаторите, ќе бидат прикажани седум документарни филмови од најновата документарна продукција на Федерацијата, кои ќе раскажуваат приказни „за најпознатата академија за балерини, за сибирските селца, како и за авангардните градски фаци кои што си го наоѓаат својот мир во шумите на рускиот север“.
Значајна новина во програмска смисла на „МакеДокс 2016“ е воведувањето на натпреварувачка селекција на студентски филмови, па така планирано е да бидат претставени 23 студентски документарни филма кои доаѓаат од европските филмски академии, но нивните автори и приказните што ги носат доаѓаат од сите страни на светот. Покрај оние во конкуренција за награда, во оваа програма ќе бидат прикажани и шест дела што се направени во регионалната школа „АКТив“, а програмата ќе биде отворена со премиера на македонскиот документарен филм „СТУДаНТС“ на Тамара Котевска. Премиерно ќе бидат прикажани и „Злобната камера“ на Ана Алексовска и „Армандо Дијаз“ на Сандра Јовановска, а жирито кое ќе одлучува за наградите во оваа програма е во состав Наташа Петровиќ, Воскресија Андреевска и Иван Шопов.
Годинава на „МакеДокс“ ќе се случат и три работилници: „Работилница за уметноста на раскажувањето“ за хип-хоп музиката и правењето документарни приказни со диџеј Димитри од Чаир, од 21 до 24 август во Музејот на современата уметност; „Раскажувачите раскажуваат“ со Иика Вехкалахти од Финска, еден од најзаслужните продуценти во актуелната документаристичка сцена, од 22 до 25 август во Чифте амам; и „Сторивуд“ за млади и млади во душа во и околу Куршумли-ан.
А, кога, пак, ја допираме музиката како исклучително битен сегмент од содржината на Фестивалот, значајно е да се спомене и тоа дека урбано Скопје, в сабота, на самиот почеток на „МакеДокс“, ќе има ретка можност да го чуе и види новиот состав на легендарниот Крис Екман, поранешниот лидер на бендот од Сиетл - The Walkabouts, којшто наедно е музички продуцент на документарецот со кој ќе тргне распостилањето на програмата. И, тоа не е се* бидејќи во текот на сите фестивалски вечери ќе се одржуваат камерни перформанси со етно и џез музика, додека за затворањето на фестивалот ќе настапи оркестарот ЧЕРКЕЗИ, по чиј концерт свој диџеј-сет ќе има швајцарската режисерка Корин Швингрубер.
И кон ова уште само уште информациите дека и годинава со особено внимание ќе се следат разговорите „Под смоквата“, а ќе биде поставена и фото-изложбата „Патувањата на магаренцето на МакеДокс“.
Конечно, колку за потсетување, на „МакеДокс“ се доделуваат наградите „Кромид“ - за најдобар филм во Главната програма, „Млад кромид“ - за најдобар филм на нов автор, „Кокарче“ - за најдобар студентски филм и Награда за филм со најдобри етички идеи од сите програмски селекции.