Достапни линкови

Порака на „Манаки“ - Политиката настрана од филмот


Голема работа е кога луѓето кои политички не се сложуваат во оцените како да се уреди и води државата, сепак кога се работи за културата, мора да ги надминат своите политички различности, рече славниот актер Раде Шербеџија.

Политиката да остане надвор од филмот. Ова е една од пораките што ги упатија филмаџиите вклучени во 37 издание на Фестивалот за филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола. Горјан Тозија, еден од продуцентите на филмот „Ослободувањето на Скопје“, кој македонската премиера ја имаше на фестивалот, рече дека снимањето на филмските проекти зависи од врските на филмаџиите со луѓето на власт.

„По долги години, поточно по 12 години, ми беше овозможено во земјата каде што сум роден да работам на филм. Јас конкурирав со моето име и презиме до фондот, но бев одбиен. Со истото сценарио, со истиот буџет и со истите параметри. Овој филм, „Ослободувањето на Скопје“ ги има истите параметри какви што воопшто имаат филмовите. Раде да не беше доволно близок со министерката за култура и поранешниот премиер, филмот немаше да се сними и тоа е вистината“, рече Тозија.

Тој порача дека културата треба да им се препушти на креативците, а бирократите поврзани со политиката да останат во канцелариите.

„Филмот и уметниците и креативните луѓе припаѓаат на слободата, на демократијата, на вистината. Се надевам сонцето ќе огрее и сите ќе работиме не партиски, туку според потенцијалот наш, според она колку заслужуваме да бидеме вреднувани. Истите оние чиновници ќе се вратат во канцелариите каде припаѓаат, а филмот ќе биде либерте“, порача Тозија.

Славниот актер Раде Шербеџија рече дека за да се создава уметност мора да се работи без оглед на политичките трендови во една држава.

„Вистинскиот мецена мора да ја препознае вистината уметност. Понекогаш мецената го гуши уметникот. Но, во битието на секој уметник е исто така да ја прави својата уметност да биде во некоја рака дисидент во однос на нацијата и авторитетите. Но, за да ја создаваме нашата уметност, ние мора да работиме без оглед на политичките предзнаци во земјата во која живееме“, рече Шербеџија.

„Голема работа е кога луѓето кои политички не се сложуваат во оцените како да се уреди и води државата, сепак кога се работи за општествен интерес, во која спаѓа и културата, да мора да ги надминат своите политички различности“, порача тој.

Директорот на фестивалот „Браќа Манаки“, Благој Куновски-Доре, им порача на македонските филмаџии да почнат да снимаат филмови за современи теми.

„Ги почитувам историските теми, но мислам дека е време поголема важност да им се даде на современите теми“, рече тој.

Во последните години, на фестивалот „Браќа Манаки“ од македонските филмови кои имаат премиери, повеќето беа со историски теми, од „Трето полувреме“, „Балканот не е мртов“, „До балчак“, па и „Ослободувањето на Скопје“.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG