Партиските препукувања и надмудрувања станаа вообичаено секојдневие во Македонија, иако активностите кои беа преземени со договорот од Пржино имаат за цел да обезбедат фер услови за слободни и демократски избори во декември, анализираат политиколозите. Една од мерките кои беа преземени беше влегувањето на кадри на опозицијата во пет министерства. Но, честите расправии за технички работи, за отпуштања на вработени или несогласувања околу одредени политики не стивнуваат.
За професор Никола Дујовски е очекувано, кога во иста Влада има претставници на две различни политички опции, да има опструкции, а патот до 11 декември да биде сличен како и досега.
„Ова е само почеток. Очекувам уште повеќе да им се навлегува во ингеренциите на министрите. Тие секојдневно ќе бидат ставани на испит и ќе бидат доведувани до ситуација да треба да се занимаваат со несуштински работи за подготовка на изборите. Нивните тимови и решенија како и одлуките кои ги носат ќе бидат оспорувани“, вели тој.
Целта на ваквото однесување е забавување на процесот на изборите за да останат многу работи незавршени, а на 11 декември да имаме избори какви што посакува некоја од политичките опции во земјава, посочува Дујовски. Но, според него, сето тоа не е причина министрите кои доаѓаат од СДСМ да не ги надминат таквите пречки и да направат сè за да имаме фер услови за слободни и кредибилни избори.
„Минатата недела зборувавме на некоја слична тема и веднаш потоа ни се случи да имаме еднодневен министер за внатрешни работи. Сето тоа укажува дека владејачката гарнитура ќе продолжи со ваквиот начин на однесување, не само до 11 декември, туку веројатно до моментот на формирање на некоја нова влада“, изјави Дујовски.
Секојдневните расправии и недоразбирања меѓу министрите и нивните дополнителни заменици од спротивниот табор покажуваат дека политичката зрелост ни е слаба страна и дека ретко кој политичар може да се издигне над партиските интереси, велат експертите. Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу вели дека вина за ова има и јавноста која е жедна за вакви вести, а од друга страна тоа партиите го злоупотребуваат и го вртат нашето внимание кон нивните интереси.
„Ние бевме свесни дека со ваков формат на влада секако ќе има проблеми. Мене ми е жал што не се вклучуваат и другите институции. Да не заборавиме дека во одржувањето на баланс во овие институции голема улога треба да одигра и ДИК, затоа што таа има и право за некои од евентуалните аномалии во врска со законитоста или исправноста на нивните активности да пресече дали тоа има врска со изборите или нема“, вели Муслиу.
Денес политичката некултура и ставањето на партиските интереси во прв план е алармантно посочува Муслиу.
„Сè што ќе направи другата страна се напаѓа од спротивната политичка партија, а не се образложува тоа како државен или општествен интерес. И нападите кои се прават не се во смисла дека тоа што се предлага од спротивната партија е лошо за државата, туку дека е во спротивен интерес на партијата која тие ја претставуваат“, заклучува Муслиу.