Достапни линкови

Трајчевски – Нема критериуми за избалансирано известување


Трајчевски – Нема критериуми за избалансирано известување
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:47 0:00

Трајчевски – Нема критериуми за избалансирано известување

Членовите на ад хок телото по сопствено убедување ќе одлучуваат дали известувањето на медиумите ќе биде избалансирано во овие 80 дена до почетокот на изборната кампања, вели директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Зоран Трајчевски, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Трајчевски, сега кога и официјално партиите се договорија за избори на 11 декември, Агенцијата го почна мониторингот на медиумите во предизборниот период, притоа ја укинавте методологијата за мониторинг на медиумското претставување донесена на 26 август и се вративте на онаа која што беше претходно донесена во јануари годинава. Во што е разликата меѓу овие две методологии?

Методологијата што беше укината опфаќаше период од 80 дена пред избори, во којшто период медиумите со последните измени на Изборниот законик имаат обврска да известуваат избалансирано. Бидејќи во законот не беа предвидени правила за тоа што значи избалансирано известување, Агенцијата одлучи да го искористи францускиот модел, каде што надвор од изборниот период се мери балансираноста и тоа го преточивме во методологија. На барање на политичките партии, односно нивниот меѓусебно потпишан договор, побараа да се врати методологијата од 5 јануари оваа година. Разликата меѓу овие две методологии е во тоа што во оваа методологија што е сега на сила нема дефинирано критериуми за тоа што значи избалансирано известување 80 дена пред избори и начинот на известување дали некој медиум ќе известува изблансирано или не се остава на волја на членовите на ад-хок комисијата.

Дали мониторингот опфаќа квантитативна и квалитативна анализа или и двете?

Не е возможно да има мониторинг без квантитативна и квалитативна анализа, ние ќе правиме и квалитативна анализа, но како што кажав, за овие 80 дена пред почетокот на изборната кампања, параметрите за тоа што значи, односно правилата за тоа што значи избалансирано известување не се дефинирани ниту во законот, ниту во оваа методологија, бидејќи партиите сакаа да биде така и како што кажав – дали известувањето на медиумите ќе биде избалансирано ќе одлучуваат по свое сопствено убедување членовите на ад-хок телото. Тоа ги става во малку незавидна положба медиумите, бидејќи не постојат правила, коишто, за жал, во претходната методологија, која партите бараа да ја укинеме беа дефинирани. Медиумите имаа јасна претстава, ги знаеја правилата и знаеја како треба да се однесуваат. Со ваквиот договор во најтешка положба се ставени медиумите, бидејќи за овие 80 дена во делот на избалансираноста не постојат критериуми. За време на изборната кампања принципот за избалансираност е законски утврден и во тој период ниту агенцијата, ниту ад-хок телото нема да има проблем да дефинира кои медиуми известувале, односно не известувале избалансирано.

Господине Трајчевски, како очекувате да се однесуваат медиумите со оглед на досегашното искуство? И порано имаше казни, имаше опомени за прекршување на законот, меѓутоа тоа не ги исплаши медиумите да се вклучат во кампања за едните или за другите.

Ние со медиумите буквално имаме секојдневна комуникација и соработка. Мислам дека ја имаат сфатено тежината на задачата којашто ја имаат во овој специфичен период на сериозна политичка криза и се надевам дека ќе одговорат на овој сериозен момент со квалитетно известување почитувајќи ги професионалните новинарски стандарди. Ние почнавме со мониторингот, премногу е кус периодот за да извлекуваме заклучоци како се однесуваат медиумите, меѓутоа гледајќи ги првите денови од кога почнаа да се бројат стоте дена, од сабота (3 септември), позитивни поместувања кај сите медиуми во однос на начинот на известување. Се надеваме дека таквиот тренд ќе остане и дека ниту ад-хок телото, ниту Агенцијата нема да имаат да имаат потреба да изрекуваат казни.

Целото интервју со директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги Зоран Трајчевски може да го погледнете во видеото на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG