Достапни линкови

Како ќе се балансира известувањето на медиумите?


Методологијата која се применува во 80-те дена пред почетокот на изборната кампања не нуди критериуми за тоа што значи избалансирано известување.

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги неодамна го почна мониторингот на медиумите во предизборниот период. Она што е важно е дека методологијата која се применува во 80-те дена пред почетокот на изборната кампања не нуди критериуми за тоа што значи избалансирано известување. Директорот на Агенцијата Зоран Трајчевски објаснува дека според таа методологија, ад-хок телото е тоа што ќе одлучува за тоа кој медиум како известувал, а токму тоа, според него, ги става во тешка положба медиумите во земјава.

„Во оваа методологија што е сега на сила нема дефинирано критериуми за тоа што значи избалансирано известување 80 дена пред избори и начинот на оценување дали некој медиум ќе известува избалансирано или не, се остава на волја на членовите на ад хок комисијата. Тоа ги става во малку незавидна положба медиумите бидејќи не постојат правила коишто за жал во претходната методологија што партиите бараа да ја укинеме, беа дефинирани и медиумите имаа јасна претстава и знаеја како треба да се однесуваат. Со ваквиот договор, во најтешка положба се ставени медиумите бидејќи за овие 80 дена во делот на избалансираноста не постојат критериуми“, вели Трајчевски во неделното интервју за Радио Слободна Европа.

За време на изборната кампања, пак, принципот за избалансираност е законски утврден и во тој период ниту Агенцијата, ниту ад хок телото нема да има проблем да дефинира кои медиуми известувале или не известувале избалансирано, објаснува Трајчевски.

Јасни критериуми за тоа како треба да известуваат медиумите во периодот надвор од изборната кампања мора да има, се согласува и професорката Снежана Трпевска од Институтот за комуникациски студии.

„Тоа прашање не може да се реши преку ноќ бидејќи ниту еден закон, ниту методологијата и да имаше критериуми не ќе ги натераше медиумите преку ноќ да го променат односот. Но, еден професионален и неутрален медиум кој ги почитува етичките стандарди, ќе известува избалансирано. Се работи за волјата на медиумите и нивната уредувачка политика да известуваат со дистанца за кој било политички субјект“, вели Трпевска.

Реалноста е сосема поинаква, вели професор Трпевска. Таа не очекува дека каква и да било методологија или казни би го промениле однесувањето на провладините медиуми.

„Ние знаеме каква е и сопственичката структура на медиумите и сопствениците се блиски до партиите на власт и факт е дека со години партијата на власт преку државното рекламирање ја обезбедуваше сервилноста на новинарството во овие медиуми“, вели Трпевска.

Иако е премногу рано да се извлекуваат заклучоци за начинот на известување на медиумите во предизборниот период од Агенцијата велат дека барем засега забележале позитивни поместувања кај сите медиуми во начинот на известувањето.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG