Достапни линкови

Владата законски ќе ги корумпира медиумите


Со предлог законот за рекламни кампањи на јавните институции во медиумите во време на изборите ќе се зголеми влијанието на власта врз медиумите и ќе си обезбеди дополнителна медиумска поддршка, велат дел од претставниците на новинарската фела.

Озаконувањето владините реклами во медиумите има за цел да обезбеди медиумска поддршка по изборите, односно да им се гарантира на медиумите дека досегашниот начин на соработка со власта преку дотур на државни пари на нивна сметка и натаму ќе продолжи доколку ја добијат нивната поддршка за време на изборите, вели претседателот на Здружението на новинари Насер Селмани. Тој објаснува дека со овој предлог закон, кој се очекува в четврток да биде изгласан, им се испраќа јасна порака на сопствениците на медиумите дека и натаму ќе добиваат пари од буџетот.

„Практично сака да им рече дека и покрај бомби и покрај договори и покрај Пржино и покрај сè, ништо не е сменето, сè ќе продолжи како што било досега. Ова покажува со која дрска власт имаме работа и колку лош договор практично направи опозицијата за таканаречените медиумски реформи“, вели Селмани.

Со предлог законот се предвидува за кампањи кои чинат над 100 илјади евра да се распределуваат на сите медиуми, но според нивниот удел во пазарот и нивниот рејтинг, што би значело дека најголемите медиуми ќе добиваат поголем дел од рекламниот колач како и досега.

Жанета Трајкоска од Високата школа за новинарство и односи со јавноста вели дека досегашната пракса покажа оти владините кампањи се користат за поткуп или за влијание врз новинарската содржина во сите медиуми.

„Ваква урамниловка каде што ако е над 100 илјади евра да се дава на сите медиуми е всушност подеднакво корумпирање и влијание на сите медиуми од страна на тие коишто се на власт. Тоа го прават надвор од предизборието, а за време на изборна кампања можеме само да замислиме колку ќе биде сериозно тоа влијание“, вели Трајкоска.

Селмани додава дека законот ѝ служи како гаранција на власта пред сопствениците на медиумите дека по изборите и натаму ќе ја продолжат коруптивната релација како во досегашната пракса, која овој пат ќе биде во законска рамка.

„Мотивирање на медиумите да продолжат со поддршката на оваа власт и се разбира ветување дека после изборите таа поддршка ќе ја наплатат со јавни пари преку таканаречени владини кампањи кои дополнително ќе ја фалат владата за нејзините наводни успеси“, објаснува Селмани.

Според предлог законот, сите јавни институции со целосна или доминантна државна сопственост имаат право да ги рекламираат своите проекти и услуги во медиумите, а за нив се обврзани да поднесуваат годишен извештај.

„Реално нема ништо да придонесе, може само да ја влоши состојбата бидејќи сега, како што љубат да кажат, ќе биде според устав и закон направено“, вели Трајкоска.

Таа смета дека овој начин на корумпирање со владините кампањи и дотур на државни средства во медиумите треба да се забрани со закон и да таквите реклами да се ограничат само на јавниот сервис под строго определени критериуми.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG