Достапни линкови

Реформа на МРТВ треба да следи по изборите


Изборот на уредник на јавниот сервис на 100 дена пред изборите не е решение за подобрување на состојбите, но е производ на актуелната ситуација.

Новиот уредник на јавниот сервис на предлог на опозицијата не е решение за подобрување на ситуацијата во медиумот, велат упатените. Според договорот, меѓу четирите најголеми партии во земјава постигнат на 20 јули, новиот уредник треба да стапи на функцијата сто дена пред изборите. Засега не се знаат кандидатите и кој би можел да се најде на местото на актуелниот уредник на МРТВ.

Поранешниот директор на јавниот сервис Сашо Орданоски смета дека се работи за едно неперфектно решение и решение со многу маани кое е предизвикано од политичката реалност во Македонија.

„Опозицијата се труди колку-толку да добие некаков баланс, некакво влијание во јавниот сервис, кој инаку во нормална ситуација не би требало да постои како нејзина намера, бидејќи јавниот сервис би бил избалансиран, неутрален, професионален итн. Така што ова е произлезено од една крајно нередовна ситуација во која се наоѓа македонската демократија. Македонија не е демократија во последните години и поради тоа вакви изнасилени решенија ќе доведат до некаков делумен ефект, претпоставувам, меѓутоа се далеку од тоа што би требало и би можело да биде систем и стандард во Македонија, а нешто што веќе сме го имале во минатото“, вели тој.

Дејан Ѓорѓиевски од Центарот за развој на медиуми истакнува дека, надвор од контекстот на изборите, решенијата за медиумите се далеку од добри. Според него, МРТВ има многу проблеми, при што смената на еден човек за кого не се знае какви ќе му бидат ингеренциите, не е доволна. Тој порачува дека наместо политичка контрола, потребно е МРТВ да стане вистински јавен радиодифузен сервис кој ќе им служи на граѓаните по сите највисоки стандарди.

„МРТВ треба да известува фер, непристрасно и избалансирано цело време, а не тоа да е битно само за време на изборите. Јас мислам дека фокусот треба да го ставиме на тоа што ќе правиме после тие избори“, вели тој.

Ѓорѓиевски додава дека е добро што еден дел од договорот меѓу партиите се однесува и на тоа дека после изборите на одреден рок ќе се работи на промена на медиумското законодавство за да се имплементираат препораките од извештајот на Прибе и ЕУ.

Орданоски, пак, не гледа друг излез за МРТВ освен со длабоки промени, пред сè кадровски на оние кои се вмешани во злоупотребите на јавниот сервис во функција на власта.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG