Достапни линкови

Двопартиска, наместо еднопартиска контрола врз медиумите


Партиите немаат кредибилитет и капацитет да го решат проблемот со медиумите без новинарите или сопствениците на медиумите и воопшто без пошироката јавност, вели новинарот Ѕвездан Георгиевски.

Денеска истекува рокот до кој СДСМ ги повика професионалците да се пријават за членови на привремената комисија која ќе го набљудува известувањето на медиумите сто дена пред избори. Од партијата велат дека досега имаат пријавено кандидати, но не откриваат колку. Најавуваат дека имињата на избраните ќе ги објавеле до истекот на рокот. И од ВМРО-ДПМНЕ засега не откриваат детали, туку велат дека нивниот предлог ќе го соопштат до предвидениот рок.

Имено, во измените на изборниот законик донесени на 28 јули се наведува дека четирите партии со најголем број пратеници треба да ги определат членовите најдоцна во рок од седум дена по влегувањето во сила на законот, односно тоа било до крајот на неделава. Од кога ќе бидат предложени, директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги треба да ги именува четирите члена на ад хок телото веднаш, а најдоцна во рок од еден ден од денот кога ќе бидат предложени.

Потоа, петтиот член кој не е по партиски предлог, четворицата партиски претставници треба да го договорат, а директорот на агенцијата да го назначи најдоцна 15 дена по нивното именување. Целата оваа процедура би требала да заврши до кај 20 август, односно пред средбата на партиските лидери на 31 месецов на која треба да одлучат дали се исполнети условите од договорот за да има избори годинава.

Проблемот не се роковите, туку волјата и менталитетот на политичарите, вели новинарот Назим Рашиди.

„Ако го земеме предвид искуството од минатото, кога партиите сакаа да доминираат со сè во општеството мислам дека се можни препукувања или исто така и овој рок да се искористи како моментум ако партиите сакаат да одолговлекуваат и ќе им послужи како уште еден начин тоа да го направат“, вели Рашиди.

Според него, успешноста на ад хок телото ќе зависи од личностите што ќе бидат избрани, но битно граѓаните и медиумската заедница да им дадат можност, оти, како што додава, не треба се да остане само про форма. За жал, вели Рашиди, досегашното искуство не дава многу надеж.

Новинарот Ѕвездан Георгиевски, пак, има забелешки за договорениот состав на ад хок телото.

„Во принцип од еднопартиска контрола во медиумите сега доаѓаме до двопартиска контрола во истите медиуми и не мислам дека партиите имаат кредибилитет и капацитет да го решат овој проблем без новинарите или сопствениците на медиумите и воопшто без пошироката јавност“, вели Георгиевски.

Инаку мандатот на привремената комисија ќе трае до завршувањето изборниот процес на предвремените избори за пратеници. Советот на Агенцијата ќе ги следи препораките на новоформираното тело и ќе иницира процедури. Ад хок телото ќе го оценува балансираното известување на медиумите за период не помал од една недела, а сите казни за медиумите кои се предвидени во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Изборниот законик во делот кој се однесува на медиумите ќе бидат намалени за 50 отсто.

За првото прекршување ќе биде издадено предупредување, а секое наредно прекршување ќе биде санкционирано согласно намалените казни.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG