Достапни линкови

Пржински закони - ќе биде спроведено тоа што е партиски интерес


Артан Груби од ДУИ
Артан Груби од ДУИ

Од пакетот Пржински закони се предвидува дека најпроблематично ќе биде спроведувањето на законот за медиуми. Познавачите велат дека и покрај тоа што законите се донесени, партиите ќе го спроведат само тоа што им одговара.

И покрај тоа што Собранието вчера вечер ги изгласа измените и дополнувањата на петте закони коишто четирите политички партии ги договорија во Пржино, дел од експертите сметаат дека практиката во земјава покажува оти не постои одговорност во однос на законскити регулативи и дека законите не се почитуваат доколку нечии интереси налагаат да се постапува поинаку.

Коментарите на познавачите на состојбите, по вчерашното донесување на измените на законите за внатрешни работи, за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, за кривична постапка, за Изборниот законик и на Законот за Влада, се дека најмногу проблеми се можни околу спроведувањето на законите за медиумите, односно кај составот на ад – хок телото, кај именувањето на уредникот на јавниот сервис, како и кај оние за внатрешни работи.

„Може да се очекува одолговлекување на работите, одолговлекување на практичната имплементација на законите. Законот ја остварува својата општествена функција ако се спроведе. Очекувано е нагаѓање околу тоа кој ќе биде на која функција и несогласување околу тоа, можно е доцнење во почетокот на извршувањето на законите што во секој случај негативно ќе се одрази на подготовките за изборите“, вели професорот Темелко Ристески, додавајќи дека политичарите мора да ги почитуваат етичките и моралните правила и норми и одговорност во однос на она што е договорено.“

При расправата на вчерашната седница, дел од пратениците обвинија дека некои од предложените законски решенија се противуставни, бидејќи во разговорите не се почитувал ниту еден принцип и се урнисале инситуциите.

Аналитичарот Арсим Синани, пак, вели дека и покрај изгласувањето на пржинските закони, политичките партии ќе го спроведат само она за кое ќе се договорат меѓу себе. Тој истакнува дека од незрели политичари, не може да се очекува решавање на проблемите.

„Јас мислам дека политичките партии само ќе преговараат и не гледам дека се подготвени да ги решат проблемите на граѓаните на Република Македонија. Во моментот кога ова Собрание се распушти и повторно почна да работи, мислам дека тука веќе нема легитимитет и сметам дека сме во барање на нов состав на политички партии, кои би биле позрели да ги решат проблемите на граѓаните во Македонија“, вели Синани.

Предлагачи на законите беа координаторите на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ Илија Димовски и Горан Сугарески, заменик -координаторот на пратеничката група на ДПА Беким Фазлиу и пратеникот Артан Груби од ДУИ.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG