Достапни линкови

Политичките договори меѓу делата и зборовите


Политичарите треба да се одговорни и да бидат посветени на тоа на што се обврзале. Но на дело, барем досега, се покажало дека тие не знаат да водат дијалог, барем не без странска помош, а и кога ќе се договорат, тешко го спроведуваат.

Досегашното однесување на политичарите во имплементацијата на Договорот од Пржино за експертите е обесхрабрувачко поради недоследноста меѓу делата и зборовите.

Марко Трошановски, претседател на Институтот за демократија, оценува дека поради ова кај граѓаните и во јавноста се појавува голема психолошка неизвесност околу политиките што во иднина треба да се преземаат и колку искрено политичките елити се посветени на тоа на што се обврзале.

„Таа политичка култура на недоследно политичко однесување делумно е вина на самите политичари, поради отсуството на транспарентност, отчетност и државаничко однесување. Од друга страна улогата на едуцирање на граѓаните треба да ја одиграат медиумите кои треба да укажуваат на овие моменти на недоследност, со што кај гласачите би создале побарувања од политичките елити да се однесуваат поинаку“, вели Трошановски.

Претседателот на Евро-атланскиот Совет во Македонија, Исмет Рамадани, вели дека, за жал, политичарите се уште не се во состојба да седнат на маса и да ги решаваат проблемите без помош од надвор. Тој вели дека тие не извлекле поука ниту од Рамковниот договор. Поминаа многу години, поминавме низ многу кризи и се уште не научивме како да се води дијалог, вели Рамадани кој е гостин во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

„За жал и ден денес нашите политички лидери и државници дури и со проблем од мал обем кој може да се решава со еден културен политички дијалог и со некоја одговорност политичка без инволвирање на меѓународната заедница, такво нешто овие години не видовме, за жал, во Македонија. И затоа понекогаш ни се состојбите вакви“, вели Рамадани.

Експертите укажуваат дека превирањата на политички план придонесува постојано да имаме кризи во сите сегменти во општеството и неможност за реализација на евро-атланскиот концепт, што е стратешка определба на државата.

„Главна последица е што ние не може да се потпреме врз политичките елити во остварување на она што се нарекуваат долгорочни цели на оваа држава, било да е тоа во економијата било во евро-атланските интеграции. “

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG