Достапни линкови

Пратенички прашања - Кој ги прати специјалците да тепаат студенти?


Настаните околу студентските протести и употребата на полициска сила по изборот на студентски лидер и случувањата со компанијата Макпетрол и обидите за нејзино преземање од странска фирма беа главните прашања на пратениците од опозицијата до претставниците на власта во Собранието.

Кој им нареди на специјалните полициски единици да тепаат студенти вечерта по скандалозните избори во Студентскиот парламент и колку пари ја чинеше државата таквата акција, го праша министерот за внатрешни работи Митко Чавков пратеникот на СДСМ Стефан Богоев на пратеничките прашања. Тој укажи дека ова не е првпат полицијата да употреби полициска сила врз демонстранти кои мирно протестираат. Богоев изјави дека во изминативе 10 години власта владее со страв, насилство, апсење на неистомисленици, бизнисмени, новинари, лидери на политички партии, обични граѓани и дека во тој стил се обидела да го ги фалсификува и студентските избори.

„Овие луѓе со темни наочари и бричени глави и златни синџири, како излезени од мафијашки филм, не се студенти, туку вработени во јавни претпријатија во општина Битола и тие ги украдоа гласачките кутии. ВМРО уплашени од силината на студентите насилно ги одземаат кутиите и повикаа специјални полициски сили да се спротивстават на студентите. За протест на 300 студенти имаше десетици полициски џипови, стотици припадници на ЕБР, оклопни возила хермелин опремени со митралез, небаре полицијата ќе пука во сопствените студенти“, рече од говорницата во Собранието Стефан Богоев.

Тензии пред СПУКИМ, полицијата насилно ги исфрли Пленумци
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:21 0:00

Министерот Чавков не одговори колку пари се потрошени за оваа акција и при тоа потенцираше не е употребна прекумерна полициска сила туку само е обезбедена заштита на младите луѓе, односно дека е спречен судир меѓу двете спротивставени страни.

„Полицијата на многу високо ниво се справуваше во овие ситуации, протестите се легитимно право на сите граѓани, здруженија, политички партии, но имаше злоупотребата од поединци со напад на полицијата или објекти. Тотална лага се шпекулации за примена на сила“, одговори на пратеничкото прашање Чавков.

Спорни избори за претседател на Студентскиот парламент
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:47 0:00

Што се однесува до протестите на Шарената револуција, кривичните пријави за демонстрантите се поднесени додека министер за внатрешни работи беше Оливер Спасовски, додаде Чавков.

Молкот на Комисијата за хартии од вредност, Финансиската полиција, Финансиската управа и Министерството за финансии околу обидот на странска компанија со сомнителен оф-шор капитал да ја преземе македонската фирма „Макпетрол“ укажува дека власта ѝ се намерачила на телевизијата Телма и дека сака да ја замолчи, смета пратеникот од опозицијата Томислав Тунтев. Тој на седницата за пратенички прашања го праша премиерот Емил Димитриев дали власта преку молкот на институциите го потпомага преземањето на Макпетрол.

„Дали сте информиран и свесен дека Никола Груевски и Сашо Мијалков направиле и организирале шема за напад врв „Макпетрол“ со цел да се преземе или уништи фирмата и телевизијата, служејќи се со незаконски средства и со методи да се намали вредноста на акциите на фирмата, а истовремено да ги информираат акционерите да се ослободат од акциите навреме, односно да ги продадат“, праша Тунтев.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски смета дека ваквите прашања претставуваат злоупотреба на собраниската говорница и имунитетот кој таа и функцијата го носат.

„Ова што го прашува Тунтев е исто како некој пратеник од ВМРО-ДПМНЕ да го праша министерот за транспорт и врски на пример како надлежен министер кој што координира со работата на Катастар и да праша дали е точно дека Тунтев како заменик-градоначалник на Охрид во тој мандат или два во секоја зграда добил по еден стан гратис. Е тоа е паралелата“, процедурално забележа Димовски.

Премиерот Димитриев, пак, одговори дека институциите како и досега, така и во ова прашање ќе продолжат да работат во согласност со законите.

„Самиот поим шеми никој пат не го употребувам и не можам да одговорам, во тој контекст би се воздржал од одговор на прашањето дали знам за формирање на шема“, рече тој.

Опозицијата го обвини министерот за земјоделство за крадење и од него побара да си поднесе оставка.

„Вие министре треба да одговарате и за три милиони евра исплаќани за наводно исчистени канали. Сè било исплаќано без никаква контрола, а еден од главните приматели е токму фирмата на Ѕинго. Крадете каде ќе стигнете министре Цветков, можеби ова е една од причините зошто Европската агенција ги стопира парите за рурален развој“, рече на собраниската говорница пратеникот на СДСМ Панче Орцев.

Министерот Михаил Цветков му одговори дека нема намера да поднесе оставка.

„После вакви неосновани обвинувања воопшто не планирам да поднесам оставка, напротив сакав да ви кажам дека не служам никому, ни на Груевски, ниту на Ѕинго, туку на земјоделците. Вашите обвинувања се неосновани и злонамерни“, одговори министерот Цветков.

Резултатите од владиниот проект Македонија вработува, намалувањето на невработеноста, ефектите од технолошко – индустриските развојни зони и ефектите од инвестициите во нив беа дел од останатите пратенички прашања. Во меѓувреме, во собраниски комисии се разгледуваат предложените законски измени кои произлегуваат од договорот на четирите партии во Пржино. Седницата за овие прашања е закажана за доцна попладне.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG