Два месеци пред официјалниот старт на кампањата за предвремените избори во декември, дел од политичките партии излегуваат со промоции и политички пораки кои изобилуваат со омаловажувачки тонови. Аналитичарите велат дека политичката промоција е таква зашто и претходно не ни се случуваа позитивни работи. Политикологот Митко Гаџовски со анализа дека во наредниот период ќе бидеме сведоци на негативна кампања која нема да се разликува многу од онаа во минатото, но оти приоритетот на политичките партии ќе биде различен.
„Сметам дека опозицијата повеќе ќе се фокусира на клучните точки кои ги споменуваа многу пати претходно, а тоа се враќање на демократијата, владеење на правото и функционирање на државниот систем и апарат, а ВМРО-ДПМНЕ претпоставувам ќе оди на картата на претставување на спроведени проекти и некои идни проекти за да се амортизира негативната кампања која евентуално би била водена кон нив, а која произлегува од прислушуваните разговори“, вели тој.
Деновиве, опозицискиот СДСМ во јавноста излезе со промоција на нивната програма за намалување на сиромаштијата. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ веднаш излезе со соопштение во кое наведе дека СДСМ се најмалку компетентни да зборуваат на таа тема. Така е со денови.
Аналитичарите велат дека негативна кампања е онаа во која кандидатите се фокусирани на негативните особини на противкандидатите. Професор Алајдин Демири вели дека во наредниот приод ќе следува исклучително валкана кампања.
„Она што ќе биде сериозна кампања е онаа негативна. Негативната кампања ќе биде корупцијата, злоделата што ги направила власта, прислушуваните материјали, улогата на СЈО итн. Конкретно речено оваа кампања ќе биде една од најнечистите, зашто таква е и состојбата“, вели тој.
Нема истражувања дали негативните кампањи имаат успех во Македонија, но оправдано е прашањето зошто партиите најмногу користат таков тип кампања и дали им е добар изборот. Гаџовски вели дека партиите на тој начин сè уште успеваат да мобилизираат максимум од своето бирачко тело.
„Проблем во Македонија е што повеќе се води таа негативна кампања, отколку оној позитивистички пристап, веројатно партиите пресметале дека тоа им носи поголемо гласачко тело отколку позитивна кампања и со претставување пред граѓаните со што тие може да придонесат за општеството и државата“, вели тој.