Достапни линкови

Полицијата како важен актер на претстојните избори


Неделникот Фокус пишува дека Чавков го подготвил МВРО-ВМРО за нова изборна кланица, Глобус ја анализира довербата во полицијата, а Република дека Заев ја жртвува опозицијата за да ги засити апетитите на Сорос.

Фокус - Чавков го подготвил МВРО-ВМРО за нова изборна кланица

Последните најнови вработувања на проверени партиски кадри во МВР е инспирација за новинарот на Фокус во најновиот број да напише дека „Власта не ја дава контролата врз полицијата“ - како наднаслов на анализата „Чавков го подготвил МВРО-ВМРО за нова изборна кланица“. Во текстот пишува дека стратегијата на ВМРО-ДПМНЕ за полициско преземање на изборите почнала уште месеци наназад, но кулминирала сега пред изборите. Пред да си замине од функцијата министер, Митко Чавков направил околу 400 прерасподелувања во МВР. На позициите кои сметал дека се важни за изборите поставувал проверени партиски кадри, кои ќе му бидат послушни нему на функцијата директор на Бирото за јавна безбедност, а не на новиот министер, обелоденува потоа Фокус. Згора на тоа, на последниот конкурс Чавков прими 600 полицајци во МВР, сите од ред партиски кадри, плус голем број блиски роднини на началниците и раководителите, чија лојалност и послушност е важна во текот на изборите. Фокус на крај поставува многу прашања пред кои е исправен новиот министер и можеби клучното: „Може ли министерот Оливер Спасовски со 15 кадровски смени во МВР да спречи нова изборна местенка и да открие какви замки му се поставени, оти ако нешто посакуваат Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, тоа е полициска контрола врз изборниот процес“ - заклучува Фокус.

Глобус – Има ли доверба во полицијата?

И Глобус ја обработува истава тема, од аспект на истражувањата на Поинт плус, регионална мрежа на седум граѓански организации од Западен Балкан, поддржан од ЕУ, за довербата на народот во полицијата. Авторот на текстот оди со размислата дека довербата во полицијата би можела да биде лакмус за структурното расположение на гласачкото тело, иако вели дека истражувањето кај нас секако не ја одразува сликата на предизборното расположение на гласачите, ама ја потврдува структурната определеност на одредени слоеви кон власта или кон опозицијата. Па наведува дека неинформираните луѓе кои живеат на село, оддалечени од медиумскиот плурализам што и онака го има малку, пензионерите и службениците во јавниот сектор, дел од нив втерани во измислени работни места, се оние врз кои се потпира власта.

Република - Заев е свесен дека му потонале сите бродови

И во најновиот уводник Република тврди дека „Ќе се изедат меѓу себе за власт – Заев ја жртвува опозицијата за да ги засити апетитите на Сорос“ за да излезе со главната теза дека Заев бил свесен дека му „потонале сите бродови“, дека на декемвриските избори СДСМ ќе претрпел уште еден тежок пораз и дека двете главни дилеми на актуелното раководство на партијата биле: прво, како по изборите да се убедат членството, симпатизерите и за нив многу важните „надворешни пријатели“ дека СДСМ е жртва на уште еден изборен грабеж и второ, како да се задоволат мршојадците гладни за власт, меѓу кои и тие самите, а притоа да не се изедат меѓу себе? Република тврди дека многумина ќе мора да извисат, прашањето било само кои од нив. Па заклучува дека „неизвесноста создава голема нервоза во целиот опозициски блок“, која прераснувала во јавни пресметки на социјалните мрежи и во меѓусебните расправии и дека СДСМ по изборите можел многу лесно да ја доживее судбината на грчки ПАСОК.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG