Институциите ја сносат најголемата вина, а мала улога игра и човечкиот фактор за последиците од поплавите кои пред повеќе од еден месец го погодија скопско, е заклучокот на стручните лица кои учествуваа на трибината на Цивил - Градење на ефикасен систем за превенција и справување со ризици од природни непогоди во Македонија. Според нив, институциите кои во минатото се бавеле со проучување на природните непогоди и нивното спречување повеќе не постојат, а науката која се бави со нив е маргинализирана.
Професор Александар Трендафилов од Шумарскиот факултет во Скопје рече дека 90 отсто од проблемот го гледа кај институциите, а 10 отсто кај човекот и тој очекува природните непогоди да бидат зачестени во иднина.
„Во бесправни држави први на удар се природните ресурси, а тоа нам ни се случи и ќе ни се случува за жал“, вели тој.
Трендафилов додава дека клучно е и тоа што нема соодветни институции кои би се справиле со појавата на природни непогоди, кои ги имало во минатото, но биле затворени, а нема ни доволно стручни лица, ни проекти кои се бават со оваа тематика.
Неговиот колега од Шумарскиот факултет, професор Иван Блинков посочува и на ранливоста на теренот каде се случија поплавите и урбанизацијата која е направена без никакви стандарди.
„Ние имаме опасност, а тоа е количината на вода што доаѓа, а ризикот зависи колкав ќе биде и од ранливоста на теренот, која овде е огромна“, вели тој.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Професор Татјана Миткова од Земјоделскиот факултет во Скопје истакна дека последиците од поплавите се резултат на сплет на околности, како ровинската ерозија, оголувањето на шумите и немањето свест кај граѓаните. Таа информира дека од околу 3000 хектари површина, 1000 биле поплавени, при што инфраструктурата е целосно уништена и оние кои се бавеле со земјоделство сега ќе треба повторно да почнат до нула.
„Значи има потреба од вклучување на експерти кои ќе предложат мерки за борба против ерозија и уредување на порои затоа што сево ова што се случи и што го видовме на терен е непреземање според мене, правилни мерки. Понатаму потребно е пошумување на околните планини каде со уништување на шумите допринело за ерозија на земјиштето во вакви размери. Потоа спроведување на теренски и технички мелиорации“, вели таа.
Професор Ивица Милевски од Природно-математичкиот факултет посочи дека сè помалку се вложува во научни институции, сè помалку има и соодветен кадар, при што не се почитуваат и резултатите кои произлегуваат од истражувањата на стручните лица, а нема сериозен пристап ни кон донесените стратегии. Тој додава и дека има европски извештаи во кои е укажано дека во медитеранското подрачје, односно во југоисточна Европа ќе дојде до драстично зголемување на временските непогоди.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5