Јавните финансии на бандаж

Потребен ни е низок јавен долг, зашто ќе ни требаат амортизери ако се влоши состојбата или надвор или внатре во државата. Ние во голем дел ги потрошивме нашите амортизери и сега удираме на бандаж, вели професор Борче Треновски.

Бруто надворешниот долг на Македонија се зголемил за над една милијарда евра во изминатите две години и тоа најмногу поради задолжување на државата во странство. Податоците на Народната банка на Македонија покажуваат дека надворешниот долг на крајот на март годинава достигнал 6,7 милијарди евра, односно скоро 71 отсто од БДП. Нешто помалку од половина од овие пари односно 3,282 милијарди евра се јавен долг, додека 3,425 милијарди евра се надворешен долг на приватниот сектор. Приватниот долг кон надвор во изминатите две години се зголемил за 300 милиони евра, додека јавниот долг пораснал за 780 милиони евра.

Со предложениот ребаланс на буџетот, владата планира да го забави темпото на задолжување на домашниот пазар, а да го засили во странство. Со промената се предвидува, наместо претходно планираните 307 милиони евра, владата дома да позајми 137 милиони евра. Разликата од 170 милиони евра наместо кај домашните ќе се бара од странските кредитори, каде се планира, наместо првично предвидените 372 милиони евра, владата да се задолжи за 556 милиони евра. Во прилог на ова оди и планираното издавање на еврообврзницата, но сè уште не се соопштува колкава ќе биде таа.

Професор Борче Треновски од Економскиот факултет во Скопје потсетува дека во изминатата деценија, јавниот долг е речиси удвоен и оти не може да се очекува јавните расходи да се намалат во ситуација кога ни претстојат избори. Тој вели дела странските пазари сега се почувствителни поради излегувањето на Велика Британија од ЕУ, а домашните поради политичката криза. Треба да бидеме внимателни и да се посветиме на тоа како ќе ги рационализираме и преструктуирама нашите јавни расходи пред да помислиме на тоа дека и понатаму треба да го зголемиме јавниот долг, вели Треновски.

„Потребни се стабилни јавни финансии, низок јавен и надворешен долг, имајќи предвид дека ќе ни бидат потребни амортизери ако се влоши состојбата надвор од државата или внатре во државата. Ние во голем дел ги потрошивме нашите амортизери, сега удираме на бандаж, така што треба да размислиме како би се однесувале во иднина со цел да можеме да ѝ помогнеме на македонската економија или барем да го ублажиме ударот кој би дошол, било од продолжена политичка криза дома или од надворешен шок“, вели Треновски.

Девизните резерви од крајот на март до крајот на мај годинава се намалени за 102 милиони евра. Ова во најголем дел се должи на интервенциите на девизниот пазар, поради зголемената побарувачка за девизи во април и во првата половина од мај како резултат на политичката криза.

Владата денеска побара на заем нови 5,4 милиони евра на домашниот пазар, колку што треба да врати стари долгови, а доби 12,6 милиони евра.