Во времето кога директор на битолската болница беше кадар од ЛДП не работеа лифтовите, а сега кога е директор од ВМРО-ДПМНЕ во нив се возат пациенти, умрени, па и медицински отпад. Ова беа дел од препукувањата меѓу советниците на опозицијата и на власта во битолскиот Совет на тема битолско здравство. Во дискусијата на површина испливаа слабости со кои се соочува здравството во Битола со години без разлика кој е на власт.
Валентин Груевски од ЛДП вели:
„Ќе ви признам за здравство кога нема луѓето за една обична операција за очи да ги праќате во приватни болници и таму да платат 4 -5.000 евра.“
А како беше во ваше време?- праша Горан Михајловски советник од Социјалистичата партија, иако додека СДСМ и ЛДП беа на власт социјалистите им беа коалиционен партнер.
„Во ваше време директор на болницата беше член на ЛДП, па се снимаше партизанска ескадрила на болница несејќи ги болните на раце зашто не сакаше да ги реновира лифтовите“, рече Михајловски.
Лифтовите денес работат, но за што, додаде Груевски.
„Во денешно време после 15 години од тогаш за кога кажувате истиот лифт работи и во него се возат и болни и храна и умрени. Ете колку се направило“, рече Груевски.
Обвинувањата на ЛДП ги демантираше Соња Трпезанова, советник од ВМРО-ДПМНЕ, а воедно и помошник директор во битолската Клиничка болница.
„Ако вие само дел направевте од тоа што направи Владата навистина болницата ќе личеше на Хјустон. Што направи Владата за битолската болница? Шест милиони евра за нови апарати. Ние знаеме дека болницата треба да се реновира и затоа Владата издвои 130 милиони денари за реконструкција. Ќе бидат реновирани и лифтовите и ќе бидат странично поставени два нови лифтови кои ќе се користат за медицинскиот отпат да се транспортира како што треба“, рече Трпезанова.
По ова, од апаратите дискусијата се префрли на медицинскиот кадар.
„Да не зборувам за примените 40 доктори, 160 трансформации направени на средниот кадар кој со години волонтираше во болницата, а сега е вработен“, рече Трпезанова.
Но, не беше испуштен ни одливот на кадри во странство и приватни болници.
„Велите примивме 40 доктори, а јас познавам 15 со име и презиме што ви избегаа од болница“, возврати Груевски.
На крај претседателката на Советот дискусијата ја пренасочи на друга тема зашто здравството не е под ингеренции на општина Битола, а не беше ни точка на дневен ред.