Најобичниот нео-нацист, фашист или десен екстремист во Чешка го мрзи Вацлав Хавел и комунистите затоа што Хавел демек ја продал земјата на НАТО и ЕУ, а поим нема оти поранешниот дисидент, писател и претседател беше икона во борбата против комунизмот во Чешка. Обичниот чешки нео-нацист многу не размислува за тоа дека фашистите ја нападнаа Чешка во Втората светска војна и убиваа милиони луѓе ширум Европа и светот, како што пишува за актуелно.цз, Мартин Фендих, кој разговараше со младите избричени глави и обожаватели на кукастиот крст за време на протестите на Блокот против исламот во Прага во саботата.
Имаме релативно богата, демократска и мирна земја со растечка економија, ниска невработеност, солидно ниво на животен стандард и стабилна влада, но на „бричените глави“ нема смисла да им се објаснува дека без ЕУ и Шенген нема напредок, бидејќи тие се априори против ЕУ и против Брисел.
Имаме релативно богата, демократска и мирна земја со растечка економија, ниска невработеност, солидно ниво на животен стандард и стабилна влада, но на „бричените глави“ нема смисла да им се објаснува дека без ЕУ и Шенген нема напредок, бидејќи тие се априори против ЕУ и против Брисел. Со нив едноставно нема аргументирана расправа дека нивната земја не е цел на мигрантите, дека најголемиот дел од нив и не се закана за европскиот начин на живот, бидејќи наводната исламизација е само моментот, поводот кој го чекаа за да добијат на сила и гласност, во што многу им помогнаа и изјавите и ставовите на претседателот Милош Земан за мигранската криза, пишува Фендих.
„Нема смисла да се пренесува целиот разговор со нив“, вели авторот Мартин Фендих, бидејќи тие си го повторуваат своето, важно им е да се против. Но, лошо е што ним им се приклучија и обични мајки и татковци кои велат – „јас не сум екстремист“, но со своето присуство им даваат легитимитет на екстремистите.
Зачудува неинформираноста на демонстрантите во ова време на нови информативни технологии, но и лесното ширење на пропаганда, вели Мартин Фендих, додавајќи дека тие толку лесно без размислување ги прифаќаат бесмислените изјави дека Исламот ќе завладее со Европа, нешто што нивните водачи постојано го повторуваат.
Вацлав Хавел можеби би бил уште позачуден и би се превртувал во гроб ако одозгора може да види што се случува во земјата, но бесмисленоста не е чешки изум и буди асоцијации на свежи процеси на Балканот и во Македонија.
„Ниту една влада не сака просветлени и духовно богати граѓани, ниту кај нас, ниту во светот“, вели српскиот актер Драган Јовановиќ.
Жалното е какви гарнитури дојдоа на власт, така што популарниот Гаги веројатно е дебело во право.
Ајде да не одиме подалеку, ама како инаку да се протолкуваат сите глупости кои секојдневно ги варат во своите желудници Македонците. Како да се протолкува прифаќањето или молчеливото игнорирање на мнозинството население на сеењето страв од меѓунационалните односи од страна на пред сè владејачките партии, додека тие ,од друга страна, лесно се договараа за тендери, за вработувања.
Колку треба да се биде непросветлен за да не се разбере дека во случајот на Скопје 2014 не станува збор само за Антика, туку пред сè и над сè за пари. Колку треба да си понизен и да прифаќаш без збор Панорамско тркало, додека едвај составуваш крај со крај, додека нема пари за операции на пациенти, а бебиња и мајки умираа по болници?
Многумина имаат спремни одговори за стравот, за силниот клиентелистички однос што власта го изгради кон администрацијата и пензионерите, за отселените млади, но факт е дека тоа го дозволивме, со што заслабна капацитетот на демократијата за самоодбрана.