Именувана по колумната која долго ја пишуваше во „Утрински весник“, но уште повеќе по насловот на едно од класичните дела на легендарниот шведски режисер Ингман Бергман како своевиден синоним за филмот воопшто, „Седмиот печат“ е деби публицистичката објава на новинарката и филмска критичарка Сунчица Уневска. Станува збор за книга која содржи рецензии за филмовите што го одбележаа 20-от и почетокот на 21 век, меѓу кои се поместени и 10 македонски филмски остварувања.
Во оваа книга не се поместени ниту хронолошки, ниту според времето кога настанале, туку решив тоа да биде една публикација, којашто би можела во секое време да се прочита. Пристапот да биде тематски, односно главен збор да имаат темите. Да тргнам од одредена тема и да пишувам за филмови кои се поврзани со таа тема.Сунчица Уневска, авторка.
Говорејќи за „Седмиот печат“ Уневска најнапред забележува дека е плод на нејзината безмалку тридецениска присутност како рецензентка, но дека долго се мислела дали треба да објавува книга со критички текстови во времево на наплив на дела со собрани колумни, филмски и театарски осврти. Едноставно не гледала предизвик да потпише едно такво издание. Се прашувала „зошто некој би сакал да чита рецензија за филм од лани, пред 10 или повеќе години или што е она што и самата би сакала да го прочита, а да ја надминува онаа „дневна употребна вредност“.
„Во оваа книга не се поместени ниту хронолошки, ниту според времето кога настанале, туку решив тоа да биде една публикација, којашто би можела во секое време да се прочита. Пристапот да биде тематски, односно главен збор да имаат темите. Да тргнам од одредена тема и да пишувам за филмови кои се поврзани со таа тема. Главно критики кои немаат само оценувачки пристап, туку зборуваат со еден критичко-есеистички пристап воопшто кон таа тема. Имаат во себе една универзална вредност што дава можност таа рецензија да се чита во секое време и да биде интересна без оглед на филмот. Дури и без оглед на тоа дали некој го гледал филмот“, вели таа.
Уневска дополнува дека притоа одбрала филмови кои „го носат предизвикот на вечното во себе и она што секогаш може да нè натера да размислуваме за некои вечни теми“. Вели дека „тоа се филмови и теми кои успеале во себе да го вплетат животот, на овој или на оној начин, и кои секогаш одново успеваат да нè поведат на патување во кое повторно и повторно ќе ги преиспитуваме оние нешта кои ни значат, повторно ќе ги бараме во себе одговорите, повторно ќе се обидеме да се навратиме на работите што секогаш можат да го облагородат нашиот живот или во него да го донесат она кое ни недостигало“.
„Овде филмовите не се на прво место. Тие се само повод. На прво место е она по што ги паметиме, на прво место е немирот или мирот што тие умеат да го донесат, задоволството или возбудата, утехата или вознемиреноста. На прво место е она што тие филмови можат да го предизвикаат во нас со својата сила, со своите емоции, со својата иронија или толку точно дефинирање на работите кои сите ги носиме во себе, оние работи кои секогаш одново можат да ги разбрануваат нештата. Мислам дека и во тоа е предизвикот – да се прочитаат овие филмови на тој начин. Бидејќи даваат еден сосема поинаков и естетски и критички пристап, но и едно поинакво размислување за животот и за сето она што во секојдневието ние сите се соочуваме“, вели авторката.
Наспроти ваквата тематска поставен на одбирот од светската продукција, во „Седмиот печат“, се поместени и 10 рецензии на македонски филмови. Притоа авторката забележува овде посегнала по филмови кои вреди да се најдат во едно вакво издание, но и дела со различни вредности што ја немаат сите „аурата на култни остварувања“.
„Прашина и Пред дождот на Милчо Манчевски, Како лош сон на Антонио Митриќески, Балкан-кан од Дарко Митревски, Големата вода на Иво Трајков, Илузија на Светозар Ристевски, Тајната книга на Владо Цветановски, Превртено на Игор Иванов, Панкот не е мртов на Владимир Блажевски и До балчак од Столе Попов се 10 филмови од последниве 20 години за кои сметав дека треба да се најдат во книгата како остварувања кои го одбележаа дадениот период на различен начин. Некои од нив и овде и во светот, но конечно секој од нив го стори тоа на својствен начин и за кои мислам дека секогаш поради темите би било интересно повторно да им се навратиме“, вели авторката.
Сунчица Уневска е новинарка и филмска критичарка. Цели 16 години беше дел од Културната рубрика на „Утрински весник“, а претходно нејзините текстови можеа да се сретнат на страниците на дневниот весник „Република“, во новинската агенција „Макпрес“, потем во неделникот „Пулс“, во електронското списание „Блесок“, во списанијата за филм, култура и општествени прашања „Културен живот“ и во специјализираниот магазин „Кинопис“.
Последниве две децении е постојан известувач од филмските фестивали ширум светот и претставник на Република Македонија во Асоцијацијата на филмски критичари при меѓународната федерација „Фипресци“.
Во текот на својата досегашна кариера била и медиум координатор на Фестивалот на германски филм во Скопје, како и програмски координатор и селектор на Фестивалот на европски филм „Синедејс“. Пет години беше селектор на програмата „Нови визии“ на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола, седум години е селектор и на играната програма на Фестивалот на кратки филмови „Астерфест“ во Струмица (автор на брошурата „10 лауреати на Астерфест“ во издание на „Тивериополската филмска алијанса“), а веќе две години работи и на одбир на програмата за Скопскиот филмски фестивал. Во еден период Уневска беше и селектор за Македонија на Мотовунскиот филмски фестивал во Хрватска.