На речиси еден месец до крајот на годинава, струшкиот совет изгласа ребаланс на буџетот за 2015. Според локалните власти, некои планирани проекти и програми не можеле да се реализираат во целост поради недоволен прилив на средства, но и поради перманентната блокада на сметката на буџетот на општината од страна на Министерството за финансии за кредит на МЈП Проаква, рече Елизабета Гогоска од секторот за финансии во Општина Струга.
Дали има некое позитивно работење на овие невладини организации, па треба да го стимулираме и да ни донесе повеќе добра? Се приближуваме на цифрата од 6 милиони денари. На што се должи потребата од зголемувањето за уште 200-300 илјади денари?Ардијан Демири, советник од Националната демократска преродба.
„Соодветно намалуваме 26 милиони и 190 илјади денари од приходи од продажба на неизградено градежно земјиште во сопственост на Република Македонија, бидејки оваа година не се отвори оглас. Ќе се отвори во текот на овој месец и не знаеме дали ќе биде успешна лицитацијата и колку приходи ќе се остварат, но сигурно не толку колку што очекувавме“, рече таа.
На реализирањето на програмата за градежно земјиште реагираше советникот од Националната демократска преродба, Ардијан Демири.
„Има едно тотално потфрлање на приходите кои се однесуваат на продажбата на градежно неизградено земјиште, кои со новиот ребаланс се намалуваат. На што се должи ова тотално промашување во проектирањето на буџетот. Станува збор за голем износ“, рече Демири.
Со ребалансот на буџетот се предвидени средства наменети за проектот за реконструкција на азбестниот кров на детската градинка Сонце во Струга со пари од Фондацијата отворено општество Македонија и општината, а кои се предвидени со ребалансот. За некои од советниците спорно беше зголемувањето и на трансферот на пари за Здруженија на граѓани и фондации, како и за привремени вработувања во износ од 700 илјади денари. Се зголемуваат и средствата за 100 илјади денари за патувања во странство и за сместување во странство исто така за 100 илјади денари.
„Дали има некое позитивно работење на овие невладини организации, па треба да го стимулираме и да ни донесе повеќе добра? Се приближуваме на цифрата од 6 милиони денари. На што се должи потребата од зголемувањето за уште 200-300 илјади денари? Имаме 700 илјади денари зголемување за привремени вработувања. Дали се малку вработените во општинската администрација? Дали се овие вработувања надвор од правилникот за систематизација на работни места“, праша Демири.
На ова Гогоска одговори:
„До нас стигнаа многу барања од граѓански организации на кои не можевме да одговориме поради немање доволно средства во таа ставка, а сакавме да бидат поддржани од Општина Струга. За привремените вработувања тие се провлекуваат повеќе години и не дошол моментот да се објави конкурс и да бидат примени во редовна работа во општинската администрација и затоа сè уште ги плаќаме под привремени вработувања“, рече Гогоска.
Со ребалансот на буџетот се минусираат и 3 милиони денари кои биле планирани за изградба на сообраќајна студија со цел решавање на сообраќајниот хаос во Струга, а за спорт и рекреација се намалуваат речиси 2 милиони денари.