Достапни линкови

Развој на југозападниот регион


Подобрување на екологијата дел од стратегијата за развој на југозападниот регион
Подобрување на екологијата дел од стратегијата за развој на југозападниот регион

Изготвена стратегија за развој на 13 градски и рурални општини од југозападниот регион на Македонија.

На југозападниот регион во Македонија, што опфаќа 13 градски и рурални општини, потребна му е стратегија за регионален развој, со фокус на подобрување на застарената и слаба инфраструктура, сообраќајници, развој на економијата, туризмот, земјоделството, екологијата, културата, заштина на природното наследство и социјалниот развој за поквалитетен живот и спречување на изразената миграција во странство. За планскиот развој на овој регион на крајниот југозапад од државата неодамна излезе книга со програма за среднорочниот период од 2010 до 2015 година, испечатена на македонски и англиски јазик, во која се опфатени состојбите и потенцијалите структуирани по повеќе основи, потребите, можностите и насоките за развој, и проектите, од кои дел се одобрени, со што овој регион предничи пред останатите во земјава, како и според бројот на опфатени општини.

„Во моментов спроведуваме имплементација на два проекти. Едниот е физибилити студија за одведување на отпадни води во шест општини, во Кичево и околните помали општини. Вториот е за сите 13 општини во рамките на регионот, за промоција на земјоделски и млечни производи, што опфаќа обуки за производство на органска храна и промовирање преку промотивни материјали и настани“, вели Мирјана Лозаноска, од центарот за развој на југозападниот плански регион, носител на програмата со седиште во Струга, еден од осумте вакви во државата.

Таа потенцира дека со програмата е опфатено и дооформување на колекторскиот и водоводниот систем во регионот, за што се одобрени проекти за колектор за потегот Градиште-Свети Наум и за фекална канализација на струшкиот брег, како невралгични точки на загаување на Охридското Езеро.

„Имаме добиено опрема за детектирање на губитоци на вода. Предвидено е во целиот регион, сите 13 општини да ја користат таа опрема, бидејќи целата е сместена во едно возило. Планираме едно од јавните претпријатија, што се грижи за одржување на системите водоснабдување да ја земе одговорноста, во договор со сите други општини, кога тоа им е потребно, да оди на интервенции во другите општини, да детектира без големи копања и за останати интервенции што на сите ни се проблематични“, објаснува Лозаноска.

Во програмата се и проектите за означување на атрактивните туристички локалитети, со мапи,карти, табли и 14 Е-киосци со допир на екранот, што ќе ги има во Охрид, Струга, Дебар и Кичево. За стручњаците од сферата на туризмот, програмата е добар документ за изедначување на разликите во развојот на регионално и национално ниво.

„Политиката често пати знае да застрани во своите ставови и некои работи да ги насочи на своја вода. Во конкретниов случај не се работи за политика од причина што се има заеднички интерес, a тоа е рамномерниот развој на Република Македонија. Ова е еден од практичните документи да се растовари Скопскиот регион и други региони по различни основи да добијат приоритет во својот развој. Овој документ овозможува она што постојано се вложува во Скопје, како вработеност, населеност,инфраструктура и слично, да биде достапно и во регионалните целини, како што е југозападниот регион. Значи, со ова е овозможено во различни области да се интервенира“, вели Науме Мариноски, професор на Факултетот за туризам во Охрид.

Според него, неопходно е да се изгради железница, за да се поврзе југозападниот регион кој со децении е слепо црево, каде мора да се изградат повеќе магистрални патишта,а тој мора сообраќајно да се поврзе со соседните држави, за да се овозможи комуникација за подобар економски и секаков друг развој. Проектите од програмата за планскиот регион каде влегуваат Охрид, Струга, Кичево, Дебар, Македонски Брод, Другово, Вевчани, Вранештица, Дебрца, Зајас, Осломеј, Пласница и Центар Жупа првенствено се финансираат од државниот буџет дополнето со средства од актуелните Европски предпристапни фондови и регионални меѓугранични проекти.
XS
SM
MD
LG