Партиите не разговараат без странски посредници

Според дипломатски извори, посредникот Питер Ванхоуте и евроамбасадорот Аиво Орав се во Брисел, а американскиот амбасадор Џес Бејли сè уште е во Вашингтон. Поголеми раздвижувања се очекуваат по нивните враќања во земјава.

Додека олеснувачот во разговорите на партиските работни групи, Питер Ванхауте е во Брисел, партиите викендов не седнале сами да разговараат за закочените прашања. Извори од опозицијата вклучени во разговорите брифираат дека ситуацијата останува иста за двете клучни несогласувања - ингеренциите на министрите и заменици-министри и изборот на комплетниот тим што го предложи специјална обвинителка Катица Јанева. Изборниот законик, пак, веќе е договорен, но и тој го чека решавањето на несогласувањата, па да се најде во собрание. Истите извори велат и дека Ванхауте им најавил дека денеска би требало да се врати во Скопје, па очекуваат од него да поведе повторно иницијатива за средби.

Дали ќе се одржат на 24 април, или на крајот на мај, или среде лето, ако не подготвиме терен за фер и демократски избори, а за тоа треба сите други точки да се испочитуваат, Македонија нема да успее.
Никола Дујоски, универзитетски професор.

Според дипломатски извори, во Брисел е и евроамбасадорот Аиво Орав, а и американскиот амбасадор Џес Бејли сè уште е во Вашингтон. Поголеми раздвижувања се очекуваат по нивните враќања во земјава.

Оваа фаза во разговорите, односно нивното блокирање поради тие две прашања трае речиси две недели, уште од посетата на еврокомесарот Јоханес Хан на Скопје, на 19 минатиот месец, ден пред истекот на рокот предвиден во протоколот од 15 јули за изборот на министрите и замениците министри. И додека овие прашања остануваат нерешени, Договорот од Пржино предвидува уште теми со рокови - како на пример инаугурација на новата влада на 15 јануари 2016 година и изборите на 24 април, чие одржување поради одложувањето на исполнувањето на претходните обврски како отворена опција го најави и претседателот на СДСМ Зоран Заев.

Според професор Никола Дујоски, сега разговорите се во фаза во која не се важни термините и роковите, туку многу поважно е да се најдат стабилни решенија кои ќе водат кон фер, праведни и демократски избори.

„Не можат сите рокови да бидат пробиени од 24 април, а да остане како рок само 24 април. Доколку имаме вакво одложување на сите други прашања претпоставувам дека е многу логично да има одложување и на изборите. Но, тоа во моментов не е воопшто важно. Дали ќе се одржат на 24 април, или на крајот на мај, или среде лето, ако не подготвиме терен за фер и демократски избори, а за тоа треба сите други точки да се испочитуваат, Македонија нема да успее“, вели Дујовски.

Договорот предвидуваше до 20 октомври да се изберат министри во МВР и труд и социјала по предлог на СДСМ и замениците во истите министерства во предлог на ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ требаше да добие свои заменици и во министерствата за администрација и информатичко општество, финансии и земјоделство, шумарство и водостопанство.

Главното несогласување сега е инсистирањето на ВМРО-ДПМНЕ новите министри за одлуките да ги носат заедно со замениците, а од СДСМ бараат таа обврска да се ограничи само на изборните прашања.