Преговори, одговорност и оставки

Протести пред Влада во Скопје за одговорност од надлежните по серијата смртни случаи во болницата и на улиците.

До каде е спроведувањето на политичкиот договор, Специјалното обвинителство, хаосот во здравството, жртвите во сообраќајки, „супер“ економијата, дел од темите во дневните весници.

„Нема црни сценарија, наш интерес е договорот да се спроведе и ние сме посветени тоа да се случи што е можно побрзо“ - ја цитира Утрински изјавата на премиерот Груевски, како одговор на пишувањето на Слободен печат дека „Режимот се спрема за последниот јуриш - ќе се брани со протести против опозицијата и меѓународниот фактор“.

И Вечер го цитира Груевски дека: „Наш интерес е договорот да се спроведе“. Слободен печат за твитот на премиерот: „Никола Груевски ги измаршира западните амбасадори што маршираа пред Владата - народот одлучува“. А во врска со апелот од шестемина западни амбасадори двете партии да го почитуваат Пржино, Дневник наслови: „Западните амбасадори самите го погребаа договорот од 2 јуни - тие побараа СДСМ да престане со објавување на „бомбите“, што збунува зашто според договорот тие снимки веќе би требало да бидат предадени во Јавното обвинителство“.

Вечер како да пренесува одговор од Владата за барањето на амбасадорите на специјалната обвинителка да ѝ се овозможат сите неопходни средства, па во наслов објавува: „На 2 ноември Јанева ќе го добие буџетот што го бара“. Утрински го објавува известувањето од Јанева до Советот на јавни обвинители дека ќе работи на повеќе од 30 предмети кои произлегуваат од аудио-снимките и дека затоа ѝ се потребни сите 14-мина помошници кои ги барала.

Сите печатени медиуми ја објавија веста на „Дуинг бизнис“ дека според условите за водење бизнис Македонија е шеста во Европа, а дванаесетта во светот. Но Дневник ја објави и следнава вест: „Сојузот на стопански комори со нов пакет од 65 мерки што се бараат од Владата за подобрување на бизнис климата“.

Утрински објави дека СДСМ бара разрешување на министерот за здравство Тодоров поради проблемите и хаосот во здравството, а дека Министерството е „благодарно“ што во Собранието ќе ги спореди некогашните и сегашните состојби во здравството. За ВМРО-ДПМНЕ и за Вечер изгледа СДСМ е секогаш виновна, па и граѓанските протести на невладините „Доста е“ и „Солидарност“ поради зачестените сообраќајни несреќи со жртви, ги ставаат под капа на партијата: весникотја објавува реакцијата на владејачката партија дека „СДСМ прави класична злоупотреба и води некрофилска политика...“

Утрински потсетува дека Југохром сè уште работи без филтри и дека „Тетовци дишат тежок воздух“.