Меѓупартиските преговори со странска помош си го „фатија“ редот и како да не се веќе толку интересни за јавноста и медиумите. Друга тема си го зафати местото: пратеничките прашања во Собранието, први по монотонијата предизвикана со отсуството на опозицијата повеќе од една година. Па, Утрински насловува дека „Пратеничките прашања внесоа возбуда во Парламентот“, појаснувајќи дека присуството на опозициските пратеници донело голема нервоза кај владиното мнозинство и дека социјалдемократите повторно ги актуелизирале темите од прислушуваните разговори, како онаа за плацовите на Водно за кои тврдат дека биле на Груевски, а неодамна ги продал.
Пратеничките прашања внесоа возбуда во Парламентот.Утрински весник.
Вечер забележува дека СДСМ присуствувал на пратеничките прашања „по 16 месеци неоправдано отсуство“ и оди со ироничен наслов со вообичаената терминологија: „Не си комуњар ако не те интересира Водно“.
Слободен печат во ист „слободен“ стил: „Пратеникот на СДСМ, Шилегов, го ʼздрвиʻ премиерот - Груевски под притисок: Кажи кому ги продаде парцелите на Водно?“
Не си комуњар ако не те интересира Водно.Вечер.
Дневник од седницата со пратенички прашања го вади одговорот на Груевски за намерите на Владата и натаму да го унапредува екстерното оценување, и одговорот на министерот Пешевски дека со странските инвестиции директно се вработиле дури 10 илјади, а ʼиндиректноʻ уште толку илјади невработени.
Второ „локумче“ за сите медиуми е аферата со Маѓар телеком и сведочењето на Слободан Богоевски кој беше повикан на разговор во Обвинителството откако ова конечно го отвори случајот за милионски корупциските дејанија на високи македонски функционери во Македонски телеком, фирма-ќерка на унгарскиот Телеком, за да се задржи монополскиот статус на компанијата.
Утрински потсетува на случајот „Швајцарски сметки“ наведувајќи дека, за разлика од други земји, „имињата на македонските милионери, од кои еден има 54 милиони долари на сметка во швајцарска банка, сè уште се тајна за македонската јавност. „За да се објават имињата на деветтемина македонски клиенти требаше македонските институции тоа да го побараат од швајцарските власти“, пишува Утрински.
Од истиот весник дознаваме и дека машиновозачите од МЖ „Транспорт“ почнале штрајк со глад поради неисплатените и задоцнети плати и забрана да одржуваат состаноци во просториите што сега се чувани од лица од обезбедувањето. В петок машиновозачите ќе се преселат пред Владата, информира Утрински.
Пред Владата протестираа и роднини на затвореници, кои бараат референдум за измени на Законот за амнестија и амнестија на оние кои одлежале половина од казната, а поради лошите услови во затворите. Според граѓанската активистка Мери Николова, Владата ќе попушти за измените, се чини и без референдум.
И, Градот Скопје со уште една „забава“ за скопјани: советниците донесоа одлука на кејот на Вардар да се гради пристапна улица до зградата на Телеком на плоштадот Македонија, информира исто така Утрински. Одлуката била во согласност со урбанистичкиот план „Мал ринг“ донесен во 2012 година од Општина Центар кога градоначалник беше Владимир Тодоровиќ.