Зелениот појас на Водно се уништува на сметка на урбанизмот. Новите згради ќе ги заменат дрвјата, кои според експертите се белите дробови на градот и таму воопшто не би требало да се гради. На 12 илјади метри квадратни на Водно каде сега се наоѓа шума предвидени се објекти за семејно домување.
Повторно сме сведоци на узурпација на било која парцела која е преостаната и која е квалитетна особено во Скопје. Тоа се случува заради лични бизнис интереси или нешто друго. Единствен кој има интерес е инвеститорот кој што гледа профит во целата таа работа.Сања Раѓеновиќ Јовановиќ, претседателка на Асоцијацијата на архитекти.
Според документите кои ги приложи СДСМ во една од таканаречените бомби се работи за фирмата Сирах лимитед која потекнува од оф шор дестинациите, а нејзин управител е кумот на премиерот Никола Груевски, Ристо Новачевски. Потоа кај хотелот Панорама е предвидена десетканица, а сопственик на парцелата, според СДСМ, покрај фирмата Кара на бизнисменот Орце Камчев е уште една компанија од даночните раеви Ексико. Од другата страна на Водно, пак, над населбата Жданец во тек е изградбата неколку згради, а инвеститор е фирмата Имвента од Скопје, формирана од американски и израелски инвеститори.
„Повторно сме сведоци на узурпација на било која парцела која е преостаната и која е квалитетна особено во Скопје. Тоа се случува заради лични бизнис интереси или нешто друго. Единствен кој има интерес е инвеститорот кој што гледа профит во целата таа работа“, вели претседателката на Асоцијацијата на архитекти, Сања Раѓеновиќ Јовановиќ. Според неа одговорни се сите инволвирани страни кои дозволуваат брутално исцртување на парцели.
Тоа е сплет на интереси. Практично од луѓето кои што сакаат да градат и кои што го дозволуваат тоа. Повеќе тоа не смееме да го дозволиме затоа што проблем ќе имаат идните генерации.Никола Велковски, претседателот на Здружението за градежништво при Стопанска комора.
Претседателот на Здружението за градежништво при Стопанската комора Никола Велковски вели дека уште на самото донесување на Генералниот урбанистички план не се почитувале мислењата на експертите да не се шири зоната на градба во зелениот појас на Водно.
„Тоа е сплет на интереси. Практично од луѓето кои што сакаат да градат и кои што го дозволуваат тоа. Повеќе тоа не смееме да го дозволиме затоа што проблем ќе имаат идните генерации. Ние и сега имаме загаден воздух и нарушени се белите дробови на Скопје и тоа треба да биде стратешка цел на градот и општините да веќе се прекине со користење на парк шумата Водно“, вели Велковски.
Според Раѓеновиќ Јовановиќ узурпацијата е опасна секаде каде што се гради неплански и нестручно.
„Што можеме понатаму да направиме? Можеме едноставно еднаш да застанеме сите и да кажеме доста е. Да се променат нови урбанистички планови и да се направат регуларни генерални и детални урбанистички планови и конечно некој да сноси одговорност со име и презиме за она што се случува“, додава Раѓеновиќ Јовановиќ.
Минатата година се организираа и протестни маршеви од страна на неформална иницијатива на група граѓани за спас на Водно.