Достапни линкови

Некој треба да одговара за уништувањето на Водно


Ова што му се прави на Водно е доказ на недостаток на елементарна еколошка култура, велат еколозите.

Со урбанизацајата на Водно се загадува просторот каде граѓаните можат да се рекреираат на чист воздух и се уништат белите дробови на градот, кој и онака со години се соочува со високо ниво на аерозагадување, велат експертите.

Ова што му се прави на Водно е доказ на недостаток на елементарна еколошка култура.
Петар Бошевски, еколошка организација „Еко-скоп“.

Голема количина на шума е исечена во изминативе години со реализацијата на низа проекти, како жичарницата, Македонското село, патот кон Сончев град, изградбата на телекомуникациската кула. Деновиве во јавноста се актуелни и плановите за изградба на згради со што е предвидено да бидат уништени дополнителни 12 илјади метри квадратни шума.

Петар Бошевски од еколошката организација „Еко-скоп“, вели дека Водно треба да биде место каде што граѓаните ќе дишат чист воздух, а со намалувањето на шумскиот фонд и со зголемената фреквенција на моторни возила на планината го загадуваат воздухот и во тој простор каде што граѓаните бегаат од градот. Тој вели дека жичарницата беше изградена со цел да се намали сообраќајот, но тоа не се случило.

Влијанието од тоа што ние се уште го немаме исполнето тој процент на зеленило што би требало да го имаме во самиот град Скопје, а упорно го намалуваме нормално дека само по себе доведува до влијанија.
Александра Бујароска, еколошката организација „Фронт 21/42“.

„Ова што му се прави на Водно е доказ на недостаток на елементарна еколошка култура. Таков бисер којшто им е на дофат на луѓето коишто живееме во градска средина, каде што не е проблем само загадувањето на воздухот, туку и вревата, градскиот живот кој има многу недостатоци и излегувањето на Водно претставува еден начин за релаксирање и за допир со природата. Значи тука има многу елементи“, вели Бошевски.

Тој истакнува дека психологијата на политичарите во земјава е потценувачки да гледаат на природата и дека можат да прават што ќе посакаат:

„Значи буквално Водно е преорано и уништено и ако има правда некој треба да одговара судски за овие глупости“, вели Бошевски.

Дека секое намалување на зеленилото во Скопје има големо влијание врз загадувањето на воздухот и со тоа и врз здравјето на луѓето, објаснува и Александра Бујароска од еколошката организација „Фронт 21/42“. Таа вели дека во Скопје е многу критична ситуацијата бидејќи голем број на извештаи, како локалниот акционен план, укажуваат дека Скопје треба сериозно да посвети внимание на шумите и на урбаното зеленило, бидејќи со години се намалуваат.

„Влијанието од тоа што ние се уште го немаме исполнето тој процент на зеленило што би требало да го имаме во самиот град Скопје, а упорно го намалуваме нормално дека само по себе доведува до влијанија, не само од аспект на воздухот во Скопје, туку и од аспект на енергетската ефикасност на зградите, бидејќи зеленилото има своја улога во обезбедувањето на тие хумани услови за живот во еден урбан град“, вели Бујароска.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG