За меѓународната заедница стабилноста е најважна

Основна задача на меѓународната заедница е како да се сочува стабилноста, така што меѓу слободата и редот, тие очигледно секогаш одат кон редот, вели професор Денко Малески.

По состанокот во Брисел во средата стана јасно дека меѓународната заедница акцентот го ставила на стабилноста, а очекувањата Западот да застане на страната на слободата не се остварија, вели професорот Денко Малески во интервју за Радио Слободна Европа што во целост ќе го емитуваме в недела. Тој смета дека како луѓе кои се раководени од државната причина, основна задача на меѓународната заедница била како да се сочува стабилноста, така што меѓу слободата и редот, тие, како што додава, очигледно секогаш одат кон редот, што било и за разбирање.

Оти ако имате на една страна автократска власт, чиј претставник вели – јас останувам, па макар би ја повлекол целата земја во хаос, тогаш тие на тоа се повлекуваат, бидејќи апетит за директна интервенција во нашите внатрешни работи нема.
Денко Малески, универзитетски професор.

„Сега преговорите ќе продолжат, во зависност од позицијата на двете страни ќе се ориентираат и надворешните фактори кои се многу важни во оваа ситуација. Оти ако имате на една страна автократска власт, чиј претставник вели – јас останувам, па макар би ја повлекол целата земја во хаос, тогаш тие на тоа се повлекуваат, бидејќи апетит за директна интервенција во нашите внатрешни работи нема. Оттаму сега треба да се види како ќе чекорат слободата и редот, дали ќе можат заедно да се движат, тогаш најверојатно и ќе ја имаме надворешната поддршка“ вели Малески.

Меѓународната заедница не може поагресивно да настапува затоа што каков било привиден мир и одговара во однос на една кризна состојба затоа што кризата е длабока и може да ескалира.
Алајдин Демири, универзитетски професор.

Тој додава и дека оваа владејачка структура е градена девет години и делува многу цврсто и во персонална смисла и како идеологија.

„Тој систем исто така не може да се разруши преку ноќ, и ако тој им гарантира на надворешните партнери стабилност и ред, веројатно тие ќе речат – Па нека тече процесот на ослободување, но да го сочуваме единството и поредокот во земјата, особено во светлината на фактот дека во тој авторитарен систем постојат оттуѓени центри на моќ, коишто носат страотни одлуки, од типот на онаа во Куманово, за којашто никој не знае точно од каде доаѓа, каде води, која била причината. И оттука и повлекувањето на Запад“, вели Малески.

Според поранешниот амбасадор Алајдин Демири, разговорите дополнително ги комплицираат партиите на Албанците, кои, како што вели, помагаат во одржувањето на статус-кво ситуацијата со тоа што се ставале на страната на Груевски.

„Меѓународната заедница не може поагресивно да настапува затоа што каков било привиден мир и одговара во однос на една кризна состојба затоа што кризата е длабока и може да ескалира“, вели Демири.

По дваесетчасовните разговори во Брисел на домашните политички лидери со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан и други меѓународни претставници, според некои информации, обидите за наоѓање решение преку дијалог ќе продолжат од идната недела во Скопје.