Четворицата претседатели на македонските партии и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан денеска во Брисел не успеаја да постигнат конечен договор за излегување од политичката криза.
Граѓаните заслужуваат подобро: демократија, владеење на правото и европска иднина. Нема да се откажеме.Јоханес Хан, еврокомесар за преговори за проширување.
„Разговорите беа отворени и детални, но сè уште не доведоа до конечен договор. Европската унија бара од сите страни во интерес нивната земја и граѓаните да најдат траен политички компромис без какво било одложување и да истапат со конкретни предлози кои ќе го надградат договорот кој веќе беше постигнат во Скопје на 2 јуни. Преземените реформски обврски, на кои лидерите на сите страни се обврзаа мора да бидат спроведени како итно прашање. Тоа е суштинско за земјата да направи каков било напредок на евроатлантскиот пат“, се наведува во соопштението објавено на страницата на Европската комисија доцна вечерва.
Во него се наведува и дека Европската комисија сега ќе разгледа како најдобро да соработува во политичкиот процес во земјата и да остане подготвена да помага дискусиите.
На Твитер, пак, Хан напиша дека е многу разочаран од „недостигот на одговорност и лидерство од некои“.
"No final deal yet in talks on frm. Yugoslav Republic of #Macedonia. Very disappointed about lack of responsibility+leadership by some." 1/2
— Johannes Hahn (@JHahnEU) June 10, 2015
„Граѓаните заслужуваат подобро: демократија, владеење на правото и европска иднина. Нема да се откажеме“, напиша Хан на Твитер.
Инаку до ваков исход дојде по 12-часовните разговори на кои покрај Никола Груевски, Зоран Заев, Али Ахмети. Мендух Тачи и Хан, присуствуваа и пратеникот во Европскиот парламент Иво Вајгл, амбасадорите на ЕУ и САД во Македонија Аиво Орав и Џес Бејли, како и генералниот секретар на Еврпската служба за надворешно дејствување Ален Лероа.
Според јавувањата на медиумите до договор не дошло поради инсистирањето на опозицијата во преодната влада која што би ги организирала изборите да не биде Груевски и од друга страна наводно ставениот предлог на маса актуелниот премиер да се тргне од владата три месеци пред избори што за опозицијата било неприфатливо.