Достапни линкови

Во Брисел со часови се составува преодната влада


Цел ден во Брисел еврокомесарот Хан и македонските политичари разговараат за „иднината на земјата“. Нема конкретни предвидувања уште колку долго може да трае состанокот.

Од 12 часот денеска во Брисел траат разговорите на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА. Досега воопшто нема партиски брифинзи или официјални изјави за тоа што со часови разговараат Никола Груевски, Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи со Хан и известувачот за Македонија на Европскиот парламент Иво Вајгл кој исто така е присутен на средбата.

Нема конкретни предвидувања ниту уште колку долго може да трае состанокот, со оглед на тоа што еврокомесарот ја откажа најавена посета на Босна и Херцеговина на која требаше да отпатува попландето, поради, како што беше официјално соопштено, тоа што не е постигната согласност на сите три нивоа на власта за заедничка програма која требаше да биде потпишана утре во Сараево.

Напладне на самиот почеток на состанокот Хан на својот профил на социјалната мрежа Твитер напиша „се надевам дека ова ќе биде добар ден за иднината на земјатa”.

Заев, пак, пред да влезе во салата за состаноци го повтори ставот на опозицијата дека изборите може да се спроведат само со преодна влада без Никола Груевски за граѓаните по слободна волја да гласаат на предвремените избори кои според договорот од минатата недела од Скопје треба да се одржат до април наредната година.

Инаку ова е трета средба и повторно долгочасовна на партиските лидери со еврокомесарот Хан. Минатата недела во резиденцијата на ЕУ во Скопје по осум часа разговори беше договорено до крајот на април следната година да има предвремени избори, но како што рече и еврокомесарот важно е да се подготви земјата, да се прочисти избирачкиот список, да се промени изборниот законик и да се почитуваат правата на малцинствата.

Според претходните најави на денешната средба треба да се договори каква влада би ги спровела изборите. Хан минатата недела го употреби само терминот транзиционен период до изборите што отвори повеќе дилеми што се може да се направи во престојните десет месеци особено во врска со враќањето на довербата во институциите.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG