Достапни линкови

Хан и СДСМ ретерираа, Заев ќе патува во Брисел


Лидерот на СДСМ Зоран Заев објави дека одбива да патува на преговорите за надминување на политичката криза со еврокомесарот Јоханес Хан и со премиерот Никола Груевски во Брисел на 10 јуни, но по телефонскиот разговор со Хан, СДСМ ретерира и соопшти дека можноста за средба е отворена.

Можноста за одржување на средба за надминување на политичката криза на 10 јуни во Брисел е отворена, соопшти вечерва СДСМ, откако претходно партискиот лидер Зоран Заев соопшти дека нема да патува во Брисел на закажаната средба со еврокомесарот Јоханес Хан и со премиерот Никола Груевски.

Од особено значење е што Европската комисија потврди дека на 10-ти јуни во Брисел ќе се одлучува за организирање Влада којашто ќе ги подготви изборите. Ваквите ставови на еврокомесарот Хан и Европската комисија отвораат можност за одржување на средбата предвидена за 10-ти јуни во Брисел.
соопштение на СДСМ.

До ублажувањето на ставот на опозицијата доаѓа по телефонскиот разговор меѓу Заев и Хан. Еврокомесарот попладнево му се јавил на Заев за да ја разјаснат ситуацијата, откако Заев изјави дека одбива да учествува на средбата со него и со Никола Груевски на 10 јуни во Брисел, поради „пристрасност на еврокомесарот“, кој во Вашингтон изјави дека претходните избори биле генерално позитивно оценети.

Во соопштението од СДСМ се наведува дека во телефонскиот разговор „Хан јасно и прецизно ги потврди наводите на ОБСЕ/ОДИХР за неадекватна раздвоеност на државата од партијата, наводите за заплашувања врз гласачи, медиумска пристрасност во полза на владеачките партии и загриженоста на ЕК околу точноста на Избирачкиот список“.

Зачудува оценката на еврокомесарот Хан, за генерално позитивни извештаи од набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР за последните изборни циклуси во Македонија. Ниту ОБСЕ/ОДИХР, ниту ЕУ досега не констатираа дека Извештајот за изборите во Македонија е позитивен.
Зоран Заев, претседател на СДСМ.

„Од особено значење е што Европската комисија потврди дека на 10-ти јуни во Брисел ќе се одлучува за организирање Влада којашто ќе ги подготви изборите. Ваквите ставови на еврокомесарот Хан и Европската комисија отвораат можност за одржување на средбата предвидена за 10-ти јуни во Брисел“, се наведува во соопштението од СДСМ.

Претходно, еврокомесарот Хан, на прес-конференцијата на Атлантскиот совет во Вашингтон, одговарајќи на новинарско прашање кој ќе ги организира изборите догодина во април, рече дека извештаите од ОБСЕ за минатите избори биле генерално позитивни. Според Заев, таа изјава на Хан „содржи елементи на пристрасност и е несоодветна во подготвителен период, пред одлучувачката средба во Брисел“.

Комесарот го повтори заклучокот на ОБСЕ/ОДИХР дека изборите биле ефикасно спроведени, но дека имало голем број сериозни недостатоци, особено недоволно одвојување помеѓу партијата и државните активности, наводното заплашување на гласачите и пристрасноста на медиумите во корист на владејачките партии.
соопштение од еврокомесарот Јоханес Хан.

„Зачудува оценката на еврокомесарот Хан, за генерално позитивни извештаи од набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР за последните изборни циклуси во Македонија. Ниту ОБСЕ/ОДИХР, ниту ЕУ досега не констатираа дека Извештајот за изборите во Македонија е позитивен. Дополнително, доказите од проектот Вистината за Македонија ја разоткрија, меѓу другото и криминалната позадина на повеќе изборни циклуси во Македонија организирани и спроведени од Никола Груевски и неговата власт“, рече попладнево Заев.

Во соопштението објавено по телефонскиот разговор со Заев, Хан вели дека целосно и неотповикливо ги поддржува заклучоците на ОБСЕ,ОДИХР за минтогодишните избори.

Морам да кажам дека последните избори, како и неколку претходно во земјата и во регионот, беа набљудувани од ОБСЕ и имаше генерално позитивен извештај, во кој беа наведени некои неправилности, но генерално беше позитивен извештај за изборите што беа одржани во април минатата година.
Јоханес Хан, еврокомесар за соседска политика и преговори за проширување.

„Комесарот го повтори заклучокот на ОБСЕ/ОДИХР дека изборите биле ефикасно спроведени, но дека имало голем број сериозни недостатоци, особено недоволно одвојување помеѓу партијата и државните активности, наводното заплашување на гласачите и пристрасноста на медиумите во корист на владејачките партии. Европската комисија исто така редовно искажуваше загриженост поради точноста на избирачкиот список. Сите овие прашања мораат итно да се решаваат во согласност со препораките на ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија. Освен тоа, Европската комисија во повеќе наврати повтори дека е потребна истрага за сите потенцијални злоупотреби кои произлегуваат од снимките вклучително и тие за изборни неправилности“, се наведува во соопштението на Хан, кој побара од сите партиски лидери да ги почитуваат ветувањата дадени на 2 јуни за да се надмине оваа криза и за да се продолжат разговорите за да се најде брз и траен договор кој мора да ги решава сите проблеми околу владеењето на правото и за да се врати довербата на јавност во државните институции.

Претходно, Хан во Вашингтон рече дека има недостатоци што треба да се надминат, но оти за минатите избори имало генерално позитивен извештај од ОБСЕ.

„Постојат некои несовршености што треба да се завршат, да се модифицира Изборниот законик, да се разгледа избирачкиот список и некои други елементи. Од друга страна, морам да кажам дека последните избори, како и неколку претходно во земјата и во регионот, беа набљудувани од ОБСЕ и имаше генерално позитивен извештај, во кој беа наведени некои неправилности, но генерално беше позитивен извештај за изборите што беа одржани во април минатата година“, рече Хан во Вашингтон.

Во однос на аферата со прислушувањето, тој рече дека тоа е голем скандал кој мора да има и политичка и правна разрешница. За политичката разрешница, тој рече дека е потребно опозицијата да се врати во парламентот и да се справи со ова прашање „на вообичаен политички начин“ со истражни комисии и дискусии во парламентот. Правната разрешница, пак, според него, треба да се бара врз основа на меѓународните и европските стандарди.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG