Студентите ја прекинуваат окупацијата на факултетите и од утре се враќаат на настава, соопштија од Студентскиот пленум, откако вчера беше постигнат договор за изготвување на нов закон за високо образование.
Ова е еден нов концепт, нова методологија на работа, каде што конечно почнуваат студентите и професорите да го пишуваат законот што ги засега нив.Ивана Туфегџиќ, Студенстки пленум.
Ивана Туфегџиќ од Студенсткиот пленум вели дека ќе останат Автономните зони и понатаму ќе има алтернативни предавања на кои ќе се зборува за проблемите, кои подоцна ќе бидат презентирани на работните групи кои ќе работат на новиот закон.
„Ова е еден нов концепт, нова методологија на работа, каде што конечно почнуваат студентите и професорите да го пишуваат законот што ги засега нив“, вели Ивана Туфегџиќ од Студенсткиот пленум.
Според Туфегџиќ студентите ќе ја надокнадат наставата, што ја пропуштија за време на окупацијата.
Во тие работни групи ќе бидеме пруситни и ние и Професорскиот пленум и сенаторите чии заеднички став е дека нема да прифатиме никаква форма на надворешно тестирање односно нема да направиме никаква одредба која што ќе регулира каков било вид на надворешно тестирање.Стефан Видков, Студентски пленум.
Стефан Видков од Студентскиот пленум вели дека им било ветено и оти во новиот закон нема да има државен испит.
„Во тие работни групи ќе бидеме пруситни и ние и Професорскиот пленум и сенаторите чии заеднички став е дека нема да прифатиме никаква форма на надворешно тестирање односно нема да направиме никаква одредба која што ќе регулира каков било вид на надворешно тестирање.“
Инаку, премиерот Никола Груевски пред донесувањето на измените во Законот за високо образование изјави дека државен испит за студентите ќе има и дека не отстапуваат од реформите.
„Ние имаме своја мисија, да ги подигнеме стандардите во сите сфери, вклучувајќи ја и сферата на образованието, ние поминуваме низ период на јавна расправа, во кој што ги слушаме и забелешките, но суштинските забелешки. Не забелешките од типот „не сакаме“, ништо да не се менува, и така натаму. Такви забелешки да не правиме реформи не ни се прифатливи.“
Но, студентите не попуштија и протестите ги заменија со окупација на факултетите, а поддршката растеше за на крајот владата да се премисли и да го прифати нивното барање. Политичкиот аналитичар Соња Стојадиновиќ вели дека владата е свесна оти револтот кај граѓаните и не само кај студентите и покажал дека нема простор за маневар за да ги реализира своите нездрави и недемократски политики.
„Ако сега не дозволија да се направи закон по мерка на студентите и насила го протуркаа својот закон, можеби ќе имаше и социјални немири на ниво на држава. Ова беше, да речеме на некој начин, тактички мудра одлука од страна на владата, затоа што никој не очекуваше волку масовен одѕив од страна на студентите за бојкот на наставата и да истраат во намерата да го добијат законот што го сакаат и што треба да го добијат. “
Концептот за новиот закон ќе биде изработен од работни групи сочинети од сите засегнати страни во рок од 30 до 45 дена.