Повеќе од три часа траеше средбата на претставниците на Студентскиот и на Професорскиот пленум, министерот за образование Абдулаќим Адеми, неговиот заменик Спиро Ристевски, министерот за финансии Зоран Ставрески и претседателот на Студентскиот парламент. Средбата што се одржа во просториите на Ректоратот на УКИМ први ја напуштија владините претставници, а потоа уште повеќе од половина час претставниците на академската фела заедно со студентите останаа да дебатираат.
Беше заклучено да се формира работна група со претставници на Универзитетот, вклучувајќи ги и Студентскиот и Професорскиот пленум, како и претставници од МОН, која во рок од 30 дена ќе изготви анализа на состојбите, врз основа на која ќе се дефинира концептот за изработка на законски текст за високото образование.Велимир Стојковски, ректор на УКИМ.
По средбата, ректорот Велимир Стојковски излезе со кратко соопштение во кое наведе дека „врз основа на излагањата било договорено низ отворен дијалог да се дојде до заеднички решенија за унапредување и обезбедување на квалитетот во високото образование“.
„Во таа насока беше заклучено да се формира работна група со претставници на Универзитетот, вклучувајќи ги и Студентскиот и Професорскиот пленум, како и претставници од МОН, која во рок од 30 дена ќе изготви анализа на состојбите, врз основа на која ќе се дефинира концептот за изработка на законски текст за високото образование. Истовремено беше договорено во наредните денови да се одржи работна средба во истиот состав“, соопшти ректорот.
Нашето главно барање е создавање на нов законски текст во којшто нема да има надворешно тестирање на студентите, бидејќи тоа се коси со принципот на автономија на универзитетот.Дарко Малиновски, Студентски пленум.
Инаку, денешната средба се одржа во ректоратот, откако претходниот обид во понеделникот да седнат на заедничка маса беше неуспешен поради тоа што од Студентскиот пленум побараа разговорите да се водат на академско тло наместо во Министерството за образование или во Владата.
Пред одржувањето на средбата, претставниците на Студентскиот пленум порачаа дека остануваат на ставот против државниот испит.
„Нашето главно барање е создавање на нов законски текст во којшто нема да има надворешно тестирање на студентите, бидејќи тоа се коси со принципот на автономија на универзитетот. Ние не преговараме, ние всушност бараме владата да се држи до договореното. Сметаме дека на оваа средба тие треба да се држат до она коешто беше договорено во владата, а тоа е одложување на законот, а потоа влегување во процес на креирање на нов законски текст“, рече Дарко Малиновски од Студентскиот пленум.
Во меѓувреме продолжи окупацијата на факултетите. Студентите прогласија автономна зона во просториите на Филолошкиот и Филозофскиот факултет, Машинскиот и Архитектонскиот факултет. Наставата ја бојкотираат студентите на Природно-математичкиот факултет и на Педагошкиот факултет, а на Правниот факултет има алтернативни предавања.
На студентите од Скопје им се приклучија и нивните колеги од другите градови, односно од битолскиот технички факултет. Тие преку социјалните мрежи се пожалија дека им е исклучено греењето на факултетот. Студентите, организирани преку неформалната група Студентски пленум, бараат повлекување на Законот за високо образование, па потоа создавање на целосно нов закон во кое ќе бидат вклучени сите засегнати страни.