Реален или не, буџетот на Куманово усвоен

Седница на Совет на Општина Куманово.

Локалната опозиција во Куманово вели дека буџетот претставува збир на желби и во суштина е нереален, а градоначалникот оптимистички најави дека 80 отсто од предложениот буџет ќе биде реализиран во 2015-та година.

Советот на Општината Куманово со мнозинство гласови го усвои предложениот буџет за 2015-та година, иако советниците од опозиционата коалиција „За подобра Македонија“ и овојпат го оценија како неостварлив.

На пример, по основ на судски пресуди издвоени се 40 милиони денари или 600 илјади евра, а во 2014-та девет милиони денари. За одржување други зелени површини издвоени се 435 илјади евра или 27 милиони денари, како да е ова буџет на ЈП „Чистота и зеленило“.
Валентина Јовановска, советник во Општина Куманово.

Советникот Мирослав Стојановски од опозицијата вели дека буџетот претставува збир на желби и во суштина е нереален.

„Се планира многу повеќе и на приходите и на расходите. Имаме еден предимензиониран буџет што не може да се оствари.“

Според Стојановски забелешките за овој се исти како и за претходниот буџет, бидејќи тој само бил препишан.

Валентина Јовановска

Валентина Јовановска од истата коалиција додава дека буџетот е обемен, со многу приходи и расходи и таа не се согласува со ставките по тие основи.

„На пример, по основ на судски пресуди издвоени се 40 милиони денари или 600 илјади евра, а во 2014-та девет милиони денари. За одржување други зелени површини издвоени се 435 илјади евра или 27 милиони денари, како да е ова буџет на ЈП „Чистота и зеленило.“ Потоа, за други услуги каде што се наведува изработка на просторни урбанистички планови 16 милиони денари. Што е тоа кога Секторот за урбанизам работи?“

Постојат можности буџетот да биде реализиран доколку буџетските корисници ги добиваат планираните и потребните финансиски средства од централната власт.
Валентина Алексовска, секретар во Општина Куманово.

Опозиционите советници сметаат дека на крајот од годината ќе се повтори состојбата со ребаланс и враќање на буџетот на реална основа.

Валентина Алексовска секретар во локалната администрација појаснува дека буџетот за 2015-та година е во износ од една милијарда и 660 милиони денари планирани приходи согласно сите законски регулативи. Одливи се од една милијарда и 664 милиони денари.

„Основниот буџет е 760 милиони денари, а другото е со блок дотации. Консолидиран е буџетот на буџетски корисници и на буџетот на Општината Куманово.“

РСЕ: Постои ли можност буџетот да биде реализиран имајќи предвид дека опозиционите советници го сметаат за нереален?

„Постојат можности буџетот да биде реализиран доколку буџетските корисници ги добиваат планираните и потребните финансиски средства од централната власт.“

Алексовска додава дека тогаш би немало потреба од интервентни вложувања од општинскиот буџет, па би останале сите финансиски средства за капиталните инвестиции планирани за развојните програми.

„Можам да кажам дека 41 отсто од финансиските средства се предвидени за капитални инвестиции од основниот буџет.“

Алексовска вели дека по основ на судските одлуки мора да има резерва бидејќи Општината е тужена за обврски кои се направени пред 30 години по разни основи. А за зелени површини според неа, Општината ги надоместува недостатоците на ЈП „Македонски шуми“ или некој друг, а ние сакаме да имаме зелен град. Според неа, доколку сето тоа се направи планираните средства и не се доволни.

Градоначалникот Зоран Дамјановски оптимистички најави дека 80 отсто од предложениот буџет ќе биде реализиран во 2015-та година.