Обама: ја потценивме опасноста од милитантите на ИД

Американскиот претседател Барак Обама изјави дека Соединетите Држави ја потцениле опасноста од екстремистите на Исламската држава. Тој додаде дека употребата на воена сила е неопходна со цел на терористите да им се намалат капацитетите и да се елиминира приливот на луѓе во Сирија.

Претседателот Барак Обама во интервју за американската телевизија Си-Би-Ес изјави дека се согласува со разузнавачките уверувања дека Америка не само што ја потценила опасноста од милитантите на Исламската држава, туку ја преценила и способноста на ирачката армија да се бори.

Во текот на изминатите неколку години за време на хаосот со сириската граѓанска војна, големи територии останаа без никаква управа и тоа го искористија екстремистите.
Барак Обама, претседател на САД.

„Во текот на изминатите неколку години за време на хаосот со сириската граѓанска војна, големи територии останаа без никаква управа и тоа го искористија екстремистите“, рече тој.

Обама додаде дека за победа врз милитаните на Исламската држава е неопходна употребата на воена сила.

Белата куќа неколку пати повтори дека тоа не подразбира и враќање на американските копнени сили на Блискиот Исток.

Ако другите земји не пратат свои војници, тогаш Соединетите Држави ќе немаат избор.
Џон Бенер, претседател на Претставничкиот дом, републиканец.

Сепак, некои конгресмени, како на пример претседателот на Претставничкиот дом, републиканецот Џон Бенер, смета дека копнени сили сепак ќе бидат потребни.

„Ако другите земји не пратат свои војници, тогаш Соединетите Држави ќе немаат избор“, изјави Бенер.

Соединетите Држави сега ја предводат воздушната кампања против милитаните во Сирија и Ирак.

Во неа се вклучени и неколку арапски земји. Успехот на оваа кампања, според аналитичарите, ќе биде поголем доколку во неа се вклучи и Турција.

Дел од аналитичарите велат дека е лесно да се сфати досегашната турска неподготвеност да и се приклучи на западната иа арапската алијанса.

Турција има стотици километри порозна граница со делови од Сирија и Ирак кои сега се под контрола на милитантите на Исламската држава.

Од друга страна, поради непријателствата со сирискиот претседател Башар ал Асад, Анкара им даваше помош на скоро сите опоненти на неговиот режим, вклучувајќи и прилив на поддржувачи на сириските бунтовници кои потоа метастазираа во џихадисти на Исламската држава.

Доколку претседателот Реџеп Таип Ердоган ја пушти втората најголема армија во НАТО против милитантите, тоа ќе биде голема воена предност, но очигледно ќе ја зголеми опасноста од крвави терористички напади во турските градови.

Сепак, никој нема поголем интерес од Турција за елиминација на милитантите на Исламската држава. На ниту една земја не може да и е удобно да живее во соседство со група чие варварство нема граници и која е закана за сите секуларни режими како турскиот.

Американскиот претседател Барак Обама во интервјуто за Си-Би-Ес изјави дека за конечна победа врз џихадистите бил потребен план од два дела, односно по употребата на воена сила биле неопходни политички решенија што ќе им одговораат и на сунитите и на шиитите. Според неговите зборови, судирите меѓу најголемите муслимански секти биле најважна причина за судирите во светот.