Достапни линкови

Пивоваров – Против екстремизмот со отсекување на финансирањето


Македонија се вклучи во коалицијата против Исламската држава. И од земјава има млади луѓе што се вклучуваат во редовите на исламистите. На прашањето како Македонија може да помогне во борбата против исламистите, универзитетскиот професор и поранешен разузнавач Владимир Пивоваров вели дека основно прашање се финансиите. Доколку ние успееме да го сопреме приливот на финансии кои доаѓаат до исламистите, верувам дека ќе го решиме проблемот во Македонија, вели Пивоваров во интервју за Радио Слободна Европа.

Господине Пивоваров, што значат за Македонија и регионот воздушни напади на меѓународната коалиција во Сирија и во Ирак против милитантите од Исламската држава?

Ваквите напади пред сè треба да значат упатување на отворен сигнал до терористите дека каде и да се, со нив ќе се справат големите сили.

Mинистерството за надворешни работи соопшти дека Македонија политички е дел од коалицијата, но каков придонес може да се очекува од земјата?

Од досегашната практика, последната деценија како ние учествуваме во овие коалиции, значи ние сме учествувале и логистички и воено со присуство на жива наша воена сила на таквите простори, како што беа на времето Ирак, потоа Авганистан и други мисии во светот каде што учествувавме со помали тимови, дали тоа беа медицински тимови, дали тоа беа разузнавачки тимови и таа поддршка беше наградена со големи пофалби и тоа е добар чекор, значи ние покажуваме како држава дека сме способни во тој дел, дека ги исполнуваме стандардите и нормите предвидени за станување на земја-членка на НАТО и мислам дека доколку не беше политичкиот проблем како главен мотив за недобивање членство, мислам дека сега ни е шанса да се најде формула во самото НАТО да се избегне консензусот во гласањето за прием на одредена членка да можеме да покажеме дека сме веќе подготвени, дека веќе ги исполнуваме сите стандарди од тој план и дека треба да станеме членка.

Има ли закана за Македонија, бидејќи милитантите повикаа на напади против САД и нивните сојузници?

Заканата за Република Македонија не е само од лицата кои се наоѓаат на обука таму, туку секоја негативна појава во општеството, впрочем имајќи ја предвид и 2001 година, кога најголемиот дел од муслиманското население во Македонија не даваше поддршка на прво појавените терористички организации кои меѓународната заедница така ги оквалификува, туку потоа со изминување на еден период од месец-два добија симпатии. Затоа велам дека оваа појава доколку навремено не ја анулираме во Република Македонија, таа со тек на време ќе почне да се омасовува, односно ќе се омасовува самата организација и бројот на лицата кои учествуваат во сите овие етапи од почетокот на пропагирање, ангажирање, испраќање, финансирање, значи до целосно комплетирање на процесот на тероризам. Основно прашање е финансиите, доколку ние успееме да го сопреме приливот на финансии кои доаѓаат до ваквите лица, верувам дека ќе го решиме проблемот во Република Македонија.

Очекувате ли трендот на одење на млади луѓе од земјава во редовите на милитантите од Исламската држава да продолжи?

Секако дека тој процес не е престанат, имаме и натаму пропагирање на терен, ангажирање на млади лица кои би учествувале во таквите мисии. Се поставува прашањето, ние како држава на овој внатрешен план што е за нас најбитен, дали може да одговориме на ваквите закани. Од друга страна, официјалните податоци од секој аспект укажуваат дека Република Македонија е секогаш на дното и по лични примања и по економска состојба и во однос на младите, значи сето тоа придонесува како плодна почва што повеќе вакви лица да бидат регрутирани. Ваквото регрутирање ставено во факторот негативности во општеството, во факторот религија многу лесно прави сплет на околности кои овозможуваат ваквите лица да завршат во канџите на злото. Најголемиот проблем е, би требало тоа службите да го имаат предвид и да оперираат со такви податоци, дека лица кои се заминати на вакви воени жаришта еден ден ќе се вратат во Република Македонија, тука е проблемот. Значи веќе ние имаме темпирани бомби во сопствениот двор, прашање е само нивните наредбодавци кога и како ќе ги активираат таквите темпирани бомби.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG