Достапни линкови

Меѓународниот тероризам може да ги забрза интеграциите?


Безбедносните закани од Исламска Држава може да ги забрзаат интеграциите на Западен Балкан во ЕУ и НАТО, но може и да ги заострат критериумите за членство.

Домашните експерти се поделени околу прашањето за влијанието на меѓународниот тероризам врз евроатланските интеграции на Македонија. Според едни безбедносните закани од милитантната група Исламска Држава може да го забрзаат интегративниот пат на земјите од западен Балкан во Унијата и НАТО. Други пак се категорични дека таквите случувања нема да имаат влијание во таа насока и дека земјава треба да се посвети на активно спроведување на неопходните критериуми за зачленување.

Секогаш случувањата на безбедносен план на глобално ниво и на регионално ниво имаат влијание на евроинтеграцискиот процес, затоа што тоа се клучни глобални прашања кои што секогаш се земаат предвид кога се донесуваат политичките одлуки.
Малинка Ристевска Јорданова, Институт за европска политика.

„Секогаш случувањата на безбедносен план на глобално ниво и на регионално ниво имаат влијание на евроинтеграцискиот процес, затоа што тоа се клучни глобални прашања кои што секогаш се земаат предвид кога се донесуваат политичките одлуки. Политичките одлуки од друга страна се од најголемо влијание за проширувањето“, вели Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европска политика.

Но, тоа сепак не значи дека одеднаш ќе се направи некаков пресврт, вели Јорданова, зошто државите членки на ЕУ имаат сопствени проценки за тие закани и за можното влијание на евроатланската интеграција врз борбата против тероризмот или со други зборови нашите и нивните проценки не мора секогаш да се совпаѓаат.

Се знае кои се условите кои Македонија мора да ги исполни и тие не можат да бидат ставени по страна и да бидат исклучени и покрај влијанието на Исламската држава на глобално вино, Македонија не може веднаш да биде примена во ЕУ и во НАТО.
Соња Стојадиновиќ, политички аналитичар.

Според политичкиот аналитичар Соња Стојадиновиќ, пак, случувањата со Исламската држава на глобално ниво нема да имаат влијание врз македонските евроинтеграции се додека земјава не ги исполни сите неопходни критериуми за зачленување. Тоа што Балканот станува регрутен центар за војници кои заминуваат во редовите на Исламската Држава во Сирија и во Ирак, не значи дека Европската унија и Алијансата ќе бидат принудени да ги забрзаат евроинтеграциите и што поскоро да го приклучи Западниот Балкан кон евроатланските структури.

„Се знае кои се условите кои Македонија мора да ги исполни и тие не можат да бидат ставени по страна и да бидат исклучени и покрај влијанието на Исламската држава на глобално вино, Македонија не може веднаш да биде примена во ЕУ и во НАТО“, изјави политичкиот аналитичар Соња Стојадиновиќ.

Јорданова истакнува дека евентуалното забрзување на македонските евроатлански интеграции апсолутно не значи дека ќе Брисел и Вашингтон ќе „замижат“ пред реформите кои ги немаме спроведено до крај.

„Напротив би можело да значи дека би биле уште построги во спроведувањето на критериумите, затоа што кога се работи за безбедносни прашања клучна е политичката стабилност на државата и довербата која што партнерите од државите членки ја имаат во државата, односно во нејзините институции да ја водат борбата против тероризмот.“

Сепак, нашите соговорници потсетуваат дека е реална оценката на Европската унија во следните пет години да нема проширување, зошто објективно не можат да завршат преговорите кои веќе се водат со државите членки и процесот на ратификација на пристапните договори за пет години.

Во неодамнешното обраќање на македонскиот претседател Ѓорге Иванов пред генералното собрание на Обединетите Нации тој исто така истакна дека нема веќе време за изговори за блокирање во евроатланските интеграции и иницијативи и дека е неопходно час поскоро да се интегрираат сите земји од западен Балкан во Европската Унија. Според него тоа би бил најзначајниот придонес кон стабилизирање на регионот и сузбивање на натамошното ширење на радикални идеологии.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG