Непрецизно, премногу претпазливо, калкулирачки до последен момент или, пак, онака како што треба, следејќи ги пред сè своите интереси? Ова се дилемите што ги отвораат познавачите на надворешно-политичките случувања за односот на македонската политика кон темите од глобален интерес, кои можеби не ја засегаат директно, но индиректно имаат влијание.
Во НАТО алијансата, една земја членка која и во НАТО и во ЕУ го има сериозно прекршено меѓународното право, а тоа го има констатирано Меѓународниот суд на правдата и тоа сериозно го проблематизира барањето или аргументирањето кон Република Македонија за примена на меѓународното право.Никола Попоски, министер за надворешни работи на Макеодонија.
Последно, актуелно на меѓународната политичка сцена се случувањата поврзани со украинската криза и воведувањето на санкции против Русија и борбата против бунтовниците од Исламска држава која постојано добива отворена поддршка од сè повеќе земји.
Во однос на санкциите, нас никој нити не прашал, ниту барал од нас изјаснување, ниту сме ние членка или барем да преговараме со ЕУ, имаме добри односи, и економски и политички, и со едната и со другата земја и мислам дека би било спротивно на интересите на Македонија да се изјаснуваме за санкции или не.Димитар Мирчев, универзитетски професор.
Откако Европската унија се одлучи на таков чекор кон официјална Москва, Македонија како земја-кандидат за членство се чини сè уште нема конкретен и прецизен став. Таква мерка не е воведена, а постојано во изјавите на официјалните претставници се инсистира на економската соработка со Русија и на тоа дека сè уште сме земја кандидат, а не членка на Унијата. Министерот за надворешни работи Никола Попоски на почетокот на неделава рече дека од ваква позиција Македонија се усогласувала со ставовите на ЕУ, но дека има и клучна разлика во тоа што земјите кои не се во Унијата не учествуваат во креирањето на политиката, туку само во спроведувањето.
„Тука говориме за примена на меѓународно право, односно за усогласување на меѓународно правните и меѓународно политичките позиции на Република Македонија во однос на ЕУ, но не треба да заборавиме и еден факт кој малку го компликува тој однос, бидејќи повеќето земји членки на ЕУ се воедно земји членки и на НАТО алијансата, а добро знаеме дека во НАТО алијансата, една земја членка која и во НАТО и во ЕУ го има сериозно прекршено меѓународното право, а тоа го има констатирано Меѓународниот суд на правдата и тоа сериозно го проблематизира барањето или аргументирањето кон Република Македонија за примена на меѓународното право“, рече Попоски.
Имавме широко присуство на наши градежни фирми, 10-15 и повеќе години наназад во таа земја и утре ако се постигне примирје, некакво релативно одржливо политичко решение, ние би морале да бидеме, со оглед на тоа искуство кое го имаме од претходно, едни од првите кои ќе учествуваат во обновата на источните делови на Украина, а ние немаме став.Стево Пендаровски, универзитетски професор.
Позиционирањето и на малите земји кон случувањата во Украина на меѓународна сцена почна пролетва. Во март, Македонија гласаше „за“ резолуцијата за поддршка на територијалниот интегритет на земјата, што ја усвои Генералното собрание на Обединетите нации, иако не се приклучи кон санкциите за Русија како што тоа го направија други две земји кои исто така се само кандидатки - Црна Гора и Албанија.
Тогаш, пак, Србија, која и до денес експлицитно останува против санкциите кон Русија, воопшто не гласаше, па нивниот став беше познат уште пред пет месеци.
Ние сме мала држава, не треба да се расправаме.Анкетиран граѓанин.
Според професор Димитар Мирчев, ваквиот однос на Македонија конкретно за случувањата поврзани со Украина е добар, бидејќи освен за принципите државава треба да се грижи и за своите интереси.
Доколку Македонија преземе санкции против Руската Федерација, тогаш мислам дека ќе добиеме едно силно тапкање по рамо, но нам веќе не ни треба тапкање по рамо од страна на ЕУ, туку ни треба она што го заслужуваме – почеток на преговорите за членство.Антонио Милошоски, поранешен шеф на македонската дипломатија.
„При изјаснувањето во ОН за интегритетот на Украина ние се водевме од нашиот интерес, за утре нам некој да не ни го наруши интегритетот. Според тоа, тука нема некои дилеми или контрасти. Во однос на санкциите, нас никој нити не прашал, ниту барал од нас изјаснување, ниту сме ние членка или барем да преговараме со ЕУ, имаме добри односи, и економски и политички, и со едната и со другата земја и мислам дека би било спротивно на интересите на Македонија да се изјаснуваме за санкции или не“, вели Мирчев.
Инаку со тој документ се прогласи за неважечки референдумот за отцепување на Крим од Украина и припојување кон Русија и се бараше од земјите да не ја признаат ваквата територијална промена. Со гласањето „за“, официјално Скопје во ОН всушност се позиционираше како членките на ЕУ, но во самата Унијата засега останува да не ги прифаќа санкциите за кои се согласија државите што се внатре.
Според спогодбата, треба да се постигне зголемена конвергенција на ставовите меѓу Република Македонија и ЕУ за меѓународни прашања, меѓутоа дефинитивно обврската стапува на сила тогаш кога Македонија ќе биде држава членка.Малинка Ристевска Јорданова, институт за европска политика.
Според претседателскиот кандидат на опозицијата, професор Стево Пендаровски, земјава мора да има конкретен став за ова прашање.
„Ние би морале да бидеме заинтересирани за кризата во Украина затоа што во некои помирни времиња имавме прилично големи потенцијали за економски развој и соработка со оваа земја. Имавме широко присуство на наши градежни фирми, 10-15 и повеќе години наназад во таа земја и утре ако се постигне примирје, некакво релативно одржливо политичко решение, ние би морале да бидеме, со оглед на тоа искуство кое го имаме од претходно, едни од првите кои ќе учествуваат во обновата на источните делови на Украина, а ние немаме став“, вели Пендаровски.
Секое двоумење, секое калкулирање во однос на барањата, односно повикот на ЕУ до овие две земји, тоа значи дека намерата не е искрена да бидат членки на една Унија на чии стандарди треба да се одговори во секоја прилика и на секое барање.Исмет Рамадани, претседател на Евроатланскиот совет на Македонија.
Соседите со поконкретни политички ставови
Во меѓувреме и неколку други балкански земји кои исто така не се членки на Унијата излегоа со конкретни ставови. Имено, соседно Косово соопшти дека воведуваат санкции кон Русија, согласно чекорите на Европската унија. Официјален Белград, пак, експлицитно наведе дека нема да преземат таков чекор кон Москва. Русија. Прво лично премиерот Александар Вучиќ изјави дека Србија е слободна земја, која треба да се почитува и никој не може да ѝ наредува да ги наруши односите со Русија, а подоцна сличен став во Скопје повтори и министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ.
Македонските граѓани се поделени во мислењата за постапките на владата во однос на ова прашање, а како аргумент за или против го наведуваат тоа што сме мала земја.
„Нормално дека треба да ги следи, зашто ние сме мала, сиромашна земја.“
„Па, не треба. Ние сме мала држава, не треба да се расправаме“, велат анкетираните граѓани.
Инаку претходно и Црна Гора која исто така е земја кандидат воведе санкции, а српските медиуми пред конференцијата за Западен Балкан што ја организираше Ангела Меркел повикувајќи се на германски дипломатски извори пишуваа дека официјален Берлин многу го цени тоа што Подгорица направила таков чекор, но и дека одбивањето на Белград да воведе санкции не се сметало за причина што би влијаела врз српскиот пат кон Европската унија.
Од другите земји што не се членки, на таков чекор се одлучија Албанија, Норвешка и Исланд.
Поранешниот министер за надворешни работи и актуелен пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, вели дека лично смета оти Македонија во моментов не треба да преземе какви било санкции кон Москва оти, како што вели, македонско-руската трговска размена не била релевантна за да предизвика некаков ефект, a и земјава имала интерес да одржува добри и стабилни односи со сите земји постојани членки во Советот за безбедност на ОН, меѓу кои е и Русија.
„Доколку Македонија преземе санкции против Руската Федерација, тогаш мислам дека ќе добиеме едно силно тапкање по рамо, но нам веќе не ни треба тапкање по рамо од страна на ЕУ, туку ни треба она што го заслужуваме – почеток на преговорите за членство и сметам дека би било хипокритично ако ние секоја година добиваме различни пофалби за одредени прашања кои не се во доменот на нашата сфера или не сме дел од некои спорови за тоа како делуваме, а истовремено не го добиваме од ЕУ она што ни припаѓа и сметаме дека е за доброто и стабилноста на целиот регион“, вели Милошоски.
Директорката на Институтот за европска политика, Малинка Ристевска Јорданова, пак, оценува дека Македонија реагира согласно своите интереси и договорите што ги има потпишано со Европската унија.
„Македонија преку политички дијалог е обврзана да ги интензивира односите, меѓутоа обврската е во насока на развивање, односно поттикнување заеднички гледишта за безбедноста и стабилноста во Европа, вклучувајќи ги и подрачјата вклучени со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Според спогодбата, треба да се постигне зголемена конвергенција на ставовите меѓу Република Македонија и ЕУ за меѓународни прашања, меѓутоа дефинитивно обврската стапува на сила тогаш кога Македонија ќе биде држава членка. Значи, сепак се работи за приближување на ставовите“, вели Ристевска Јорданова.
Но, според претседателот на Евроатланскиот совет на Македонија, Исмет Рамадани, колебањето на земјава во следењето на европските политики не остава добар впечаток.
„Секое двоумење, секое калкулирање во однос на барањата, односно повикот на ЕУ до овие две земји, тоа значи дека намерата не е искрена да бидат членки на една Унија на чии стандарди треба да се одговори во секоја прилика и на секое барање” вели Рамадани.
Македонија и борбата против Исламска држава
И додека светските медиуми се полни со реакции на странските владини и државни претставници и за борбата против бунтовниците од Исламска држава кои заземаа делови од Сирија и од Ирак, а на меѓународно ниво се организираат и посебни конференции и дебати од кои треба да произлезе конкретна реакција и македонскиот шеф на дипломатијата Попоски нагласи дека се работело за најсериозната безбедносна закана.
„Мислам дека таа закана ја споделуваме заедно со сите наши партнери кои се денес дел од евроатлантското семејство и од нашето потесно и пошироко опкружување, така што мислам дека со закана, којашто претставува иста закана за сите нас, треба да се справиме со заеднички сили“, рече Попоски.
Неговиот претходник на функцијата, Милошоски е поконретен и очекува земјава колку што може позасилено да се вклучи.
„Во однос на операциите коишто би се преземале во иднина во Сирија и во Ирак, а со цел да се ограничи дејствувањето на меѓународниот тероризам базиран на религиски фундаментализам, Македонија сигурен сум дека ќе го даде својот удел, и на домашен терен со размена на информации со сојузниците, со соседите, со сите оние што се занимаваат со оваа тема, но доколку биде потребно и има некаква можност за безбедносен ангажман во рамките на нашите капацитети, мислам дека државата би можела да ја разгледа и таквата опција“, смета Милошоски.
Во меѓувреме додека светот се згрозува од објавувањето на видео снимки на кои се гледа како припадниците на исламската радикална верска група обезглавуваат граѓани од западните земји, не се ретки вестите и дека некој македонски државјанин загинал во Сирија или во Ирак борејќи се на страната на бунтовниците.
Во Македонија неодамна се усвоија и измени на законот според кои со затвор се казнува војувањето во странски војски и паравоени формации. Измените предвидуваат пет години затвор за тој што организира и обучува лица за учество на боишта во странство и за тој што ќе собира или дава пари за тие цели, а четири години затвор за тие кои одат да војуваат и тие кои ќе организираат и поттикнуваат регрутирање преку социјалните мрежи.
Но, според Пендаровски, во однос на радикалниот ислам, Македонија има причина да каже нешто повеќе и од Србија и од другите земји во регионот, оти, како што вели, и според пресудата и според формулацијата на Министерството за внатрешни работи во случајот Монструм од позициите на радикален ислам се убиени пет луѓе во земјава.
„Македонија не треба да се инволвира далеку од дома, треба да се инволвира овде со размена на информации за овие домашни радикали за коишто тврди дека ги има. Од нас тоа и се бара, информации за тоа што се случува во регионот и тука Македонија мора да соработува со државите од регионот и да се бори повеќе за регионален пристап, бидејќи глобалниот од нас е објективно далеку, недостижен, ние немаме ресурси за такво нешто“, вели Пендаровски.
Македонија треба да биде похрабра
И покрај различните мислења околу актуелните конкретни чекори оцените на соговорниците се дека сепак Македонија треба повеќе да се ангажира околу глобалните теми.
„Ние досега бевме доста преоптоварени со прашањето за името, со проширувањето и влезот во ЕУ и во НАТО, но како се одолговлекува решавањето на тие прашања, мислам дека останува повеќе и време и енергија за занимавање и со регионални меѓутоа и со поглобални прашања“, вели Мирчев.
Пендаровски, пак, смета дека Македонија нема надворешна политика веќе неколку години, односно, како што вели, по Самитот на НАТО во 2008 година.
„По нашето одбивање за влез во НАТО во 2008 година македонската надворешна политика е непостоечка. Кажете ми едно битно прашање од регионално или пошироко значење, едно прашање, за кое ние сме имале став, не први, пред сите, туку став, кога било. Ова не е исклучок. Слично ни се случуваше на времето кога имаше други светски конфликти во кои можевме да отидеме и да извлечеме некаков економски бенефит, тука пред сè мислам на Либија, каде што имаме децениско присуство на нашата градежна оператива, и тогаш не можевте да видите дефинитивен одговор со кого сме, за кого сме, зошто сме, ние само молчевме и мислевме дека со тек на време тоа прашање нема веќе да биде актуелно“, смета Пендаровски.
Два принципа се важни за односот на Македонија кон меѓународно важни прашања, вели Милошоски, кој објаснува дека за реакциите земјава се водела од сопствените државни и национални интереси и принципите на владеењето на меѓународното право.
„Во случаи како што биле ирачката мисија, ИСАФ во Авганистан, мисијата на НАТО и нивната акција во однос на Србија и Косово во 1999 година, прашања во коишто директно сме партиципирале, може да се каже дека Македонија дала свој значаен придонес и дека тоа било земено предвид како еден наш влог во меѓународните активности за извршување или олеснување на одредени безбедносни операции. Во однос на актуелните состојби коишто го преокупираат светското внимание на меѓународна сцена, како што се војната во Сирија и во Ирак, конфликтот и војната што за жал се случуваат на територијата на Украина, веројатно и многу други нешта, сметам дека Македонија исто така има добра, коректна позиција“, оценува Милошоски.
Во македонската дипломатија, пак, има и други за тоа како реагирала на глобално важни прашања. На пример, во 2012 година девет земји кои се членки или аспиранти за членки на Европската унија се приклучија кон санкциите на ЕУ против Иран. Меѓу нив беше и Македонија. Истата година, пак, се поведе и дебата за тоа како македонската дипломатија треба да гласа на Генералното собрание на ОН за резолуција со која на Палестина и се призна статусот на „држава набљудувач не членка“. Мислењата беа поделени околу тоа дали земјава треба да се придружи кон ставот на стратегискиот партнер Соединетите Американски Држави, кои беа против или, пак, поради судбината на Палестинците кои според дел од јавноста е слична со македонската треба да гласа „за“. Македонија тогаш одлучи да биде воздржана.