ЕУ побара и од Македонија да се воздржи од преземање мерки за поттикнување на извозот кон Русија по празнината која се отвори на рускиот пазар, откако Москва одлучи да забрани увоз на месо и овошје од западните земји. Повикот од Брисел е упатен до сите-земји кандидати, но и до трети земји.
Мислам дека ова е многу јасна ситуација во која од партнерите се очекува да бидат солидарни со ЕУ и да работат заедно да се задржи единството на меѓународната заедница и да се поддржи меѓународното право, кое е прекршено од страна на Русија.Петер Стано, портпарол на еврокомесарот за проширување Штефан Филе.
Портпаролот на еврокомесарот за проширување Штефан Филе, Петер Стано, вели дека ЕУ очекува од партнерите да се солидаризираат со неа.
„Позицијата на ЕУ не е тајна и беше јасно и гласно соопштена минатиот петок на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки во Брисел. Тие ги повикаа третите земји и земјите кандидати, со цел да обезбедат единство на меѓународната заедница и да се придржуваат до меѓународното право, и очекуваат од нив да се воздржат од мерки кои имаат цел да се искористат новите трговски можности, кои се појавија по воведувањето на руските мерки против стоките и производите од ЕУ. Тоа ЕУ го кажа јасно и гласно минатиот петок и тоа беше и е искомуницирано со сите партнерски земји на кои се однесува“, вели Стано.
Македонија и некои балкански земји не се членки на ЕУ и може да профитираат. Јас мислам дека би можел да се искористи овој период сè додека бирократите од Брисел не решат и не реагираат да се сопре тоа.Борис Камчев, руски новинар и публицист.
На нашето прашање, што ако земјите на кои се однесува повикот, сепак одлучат да ја продолжат соработката со Русија, Стано вели дека очекувањата на ЕУ се многу јасни.
„Ова е работа на принципи и ова е работа на придржување до меѓународното право и да се одржи единството на меѓународната заедница во однос на ситуацијата предизвикана од Русија со нелегалната анексија на Крим и дестабилизацијата на Украина. Мислам дека ова е многу јасна ситуација во која од партнерите се очекува да бидат солидарни со ЕУ и да работат заедно да се задржи единството на меѓународната заедница и да се поддржи меѓународното право, кое е прекршено од страна на Русија“, изјави Стано за Радио Слободна Европа.
На прашањето каков став ќе заземе Македонија во однос на овој повик од ЕУ, во Министерството за надворешни работи велат дека таквите претпоставки се нереално во однос на земјава.
„Невозможно е во кој било сектор да се пополнува каква било трговска празнина на рускиот пазар од наша страна. Македонскиот потенцијал е премал, немаме договор за слободна трговија, што не прави помалку конкурентни, а сега и трошоците за транспорт се многу пораснати“, велат во Министерството за надворешни работи.
ЕУ засега повикува на солидарност, но рускиот новинар и публицист Борис Камчев вели дека ако кризата во Украина продолжи и војната со санкции меѓу Русија и Западот се продлабочи, Европската унија може да побара од земјите кандидати да се приклучат кон санкциите против Русија.
„Македонија и некои балкански земји не се членки на ЕУ и може да профитираат. Јас мислам дека би можел да се искористи овој период сè додека бирократите од Брисел не решат и не реагираат да се сопре тоа“, вели Камчев во интервју за Радио Слободна Европа што во целост ќе го емитуваме в недела.
Тој вели дека ЕУ сепак се надева дека состојбата во Украина ќе се смири и оти претходните трговски патишта меѓу ЕУ и Русија повторно ќе се воспостават.
Русија пред две недели соопшти дека воведува целосно ембраго на увоз на повеќе прехранбени производи од САД, ЕУ, Австралија, Канада и Норвешка. Мерката ја објави рускиот премиер Дмитри Медведев, наведувајќи дека таа стапува во сила веднаш и ќе трае една година.