Достапни линкови

Македонските извозници ни ќар ни зијан од руските санкции


Рускиот пазар е огромен, но Македонија нема големо производство за да може посериозно да ги искористи руските санкции кон западните земји, велат упатените.

Земјоделците во земјава нема многу да се офајдат од руското ембарго за производи од земјите од ЕУ и САД. Рускиот пазар е огромен, но Македонија нема големо производство.

Ајде да имаш некое поголемо производство, може да се продава на тој пазар, ама ова е краток период, ембаргото е од пред 10-15 дена. Што може ние да посадиме сега нешто повеќе за да го искористиме?
Кире Шошев, извозник на земјоделски производи во Русија.

Кире Шошев, чија фирма има долгогодишно искуство со извоз на земјоделски производи во Русија и Украина, вели дека и досега целото производство, колку и да е, го продавале во Русија.

„Ајде да имаш некое поголемо производство, може да се продава на тој пазар, ама ова е краток период, ембаргото е од пред 10-15 дена. Што може ние да посадиме сега нешто повеќе за да го искористиме? Значи, и онака, сè што се произведуваше досега, и праски и грозје и сливи и зелка, сè си одеше за Русија, тоа си има некој континуитет“, вели Шошев.

Не дека ние настапуваме со некоја поголема количина од кој било производ на рускиот пазар, а тоа е поради еден многу практичен факт, ние како земја сме многу мали, но и како компании не произведуваме доволно за да пристапиме до големите пазари.
Арбен Халили, Стопанска комора на северозападна Македонија.

Тој додава дека ембаргото не се злоупотребува за зголемување на цените на производите, оти станува збор за долгогодишни партнери со кои имаат добра соработка.

Од Сојузот на земјоделци велат дека ќе почекаат официјален став на владата, за да коментираат дали земјоделците може да профитираат од настанатата ситуација.

И Арбен Халили од Стопанската комора на северозападна Македонија вели дека македонскиот пазар е многу мал и дека ние едвај произведуваме за нас.

„Русија не можеме да кажеме дека ни е некој голем трговски партнер, освен ако се обидуваме со вината и со некои земјоделски производи. Не дека ние настапуваме со некоја поголема количина од кој било производ на рускиот пазар, а тоа е поради еден многу практичен факт, ние како земја сме многу мали, но и како компании не произведуваме доволно за да пристапиме до големите пазари“, вели Халили.

Пред една недела претставници на македонско-руската стопанска комора и рускиот амбасадор во земјата имале средба со министерот за земјоделство на која се разгледувале актуелните прашања околу руските санкции, како и можноста за итно интензивирање на активностите на македонските производители во однос на испорака на продукти во Руската Федерација. Но Министерството за земјоделство нема надлежност за поддршката на компаниите за извоз на производи. Тука може да помогне Министерството за надворешни работи, но од таму велат дека сѐ уште се прават планови. Работата дополнително се комплицира со тоа што Македонија нема амбасадор во Русија.

Србија, пак, наголемо ја користи шансата за извоз во Русија. Српските медиуми пишуваат дека руски бизнисмени шетаат низ земјата и речиси да нема производител што не е букиран за следните години. Српските власти се заканија со строги казни за сите компании кои ќе се обидат да го злоупотребат извозот за Русија и да подметнат производи од ЕУ во српските камиони. Од земјите во регионот Србија е единствената што има потпишано договор за слободна трговија со Русија. Во отсуство на ваков документ, Македонија веќе неколку години преговара за за бесцарински извоз на одредени производи, но барем засега без видлив напредок. Годишно Македонија извезува од 200 до 300 илјади тони земјоделски производи на рускиот пазар. Трговската размена меѓу Македонија и Русија во првата половина од годинава е речиси 75 милиони долари, од кои извозот од Македонија е помалку од 14 милиони долари, а се увезуваат руски стоки во износ од скори 61 милиони долари. Лани на рускиот пазар се извезле стоки од Македонија вредни околу 31,5 милиони евра, за увозот изнесувал 163,5 милиони долари.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG