Достапни линкови

Македонија да заземе јасен став за глобалните теми


Додека очите на јавноста се вперени кон денешните воздушни напади на меѓународната коалиција против милитантите на Исламската држава во Сирија, Македонија сè уште нема прецизен став за тоа дали истата ќе биде дел од борбата против оваа организација.

Иако Македонија не е директно засегната од глобалните предизвици што го тресат светот, таа треба да заземе јасен став во однос на настапот за темите од глобален интерес, велат познавачите во оваа област. И додека очите на јавноста се вперени кон денешните воздушни напади на меѓународната коалиција против милитантите на Исламската држава во Сирија, Македонија сè уште нема прецизен став за тоа дали истата ќе биде дел од борбата против оваа организација.

Единствено нешто со што ние би можеле да се вклучиме се индиректните методи, а тоа е јакнење на размена на информации, засилување на програмите околу спречување на перење пари, меѓуагенциска соработка, соработка во врска со обуки доколку е тоа можно и доколку тоа се изведува.
Методи Хаџи-Јанев, професор на Воената академија.

Професорот Методи Хаџи-Јанев од Воената академија вели дека законски не можеме да се вклучиме во офанзивни операции, а доколку на некој начин се вклучиме, тоа би било како дел од некаква операција за постконфликтно уредување на некој простор.

„Тоа значи дека во овој момент единствено нешто со што ние би можеле да се вклучиме се индиректните методи, а тоа е јакнење на размена на информации, засилување на програмите околу спречување на перење пари, меѓуагенциска соработка, соработка во врска со обуки доколку е тоа можно и доколку тоа се изведува“, вели Хаџи Јанев.

Доколку коалицијата одлучи дека ќе има и воено присуство, ние веќе сме се докажале на тој план, имаме многу признанија за досегашните мисии, и сигурно дека треба да партиципираме согласно нашите можности во таквите мисии.
Владимир Пивоваров, универзитетски професор.

Експертите велат дека Македонија мора да соработува повеќе со државите од регионот и да се бори за регионален пристап, бидејќи ние немаме ресурси за глобален пристап. Професор Владимир Пивоваров вели дека Македонија треба да се вклучи во борбата против тероризмот преку логистичка поддршка на нашата територија, размена на информации, но и присуство на теренот.

„Доколку коалицијата одлучи дека ќе има и воено присуство, ние веќе сме се докажале на тој план, имаме многу признанија за досегашните мисии, и сигурно дека треба да партиципираме согласно нашите можности во таквите мисии“, вели Пивоваров.

Но, не се само случувањата на Блискиот Исток. Сè уште актуелната украинска криза и санкциите кон Русија ги позиционираше на меѓународната сцена не само големите, туку и малите земји. Македонија сè уште нема конкретен став за ова прашање. Хаџи Јанев вели дека ваквиот однос на властите е резултат на тоа што Македонија е мала и нема капацитет да биде фактор на влијание.

„Ако имате процена на ресурси и капацитети коишто ви велат дека не можете сами, во тој случај вие мора да играте на картата на тоа каде е поголемата маса и да се однесувате согласно тоа“, вели Хаџи Јанев.

Пивоваров, пак, вели дека молчењето и немањето јасен став за случувањата во Украина не ни одат во прилог. Факт е дека Македонија е мала и дека нејзиниот став нема да има големо влијание, но исто така треба да се потруди да ги зачувува и надворешните интереси, но и нашите економски и трговски интереси.

„Буквално треба да се направи математика што добиваме и што губиме и час поскоро државниот врв да излезе со конкретен став за нашата позиција за големата криза која сега се случува на истокот на Украина“, изјави Пивоваров.

И покрај различните мислења околу актуелните конкретни чекори, оцените на соговорниците се дека сепак Македонија треба повеќе да се ангажира околу глобалните теми.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG