Достапни линкови

Која е терористичката група Корасан?


Милитантите на Исламската држава во последно време ги украдоа светските наслови, но кога коалицијата предводена од Aмериканците ги почна нападите во Сирија малку позната екстремистичка група излезе во прв план. Корасан е гранка на Ал Каеда за која се верува дека планира напади во Европа и Соединетите Држави.

Корасан е радикална исламистичка група со седиште во близина на сирискиот град Алепо на границата со Турција. За разлика од Исламската држава која стана позната по нејзиното спектакуларно напредување во Ирак и по моќта на социјалните мрежи, Корасан се држи настрана.

Стејт департментот ја опишува како мрежа на искусни Ал Каеда ветерани. Се верува дека групата е формирана од оперативци на Ал Нусра, огранокот на Ал Каеда во Сирија.

Ал Нусра се стекна со репутација на една од најбруталните групи во борбите против силите на сириската влада. Ал Нусра е мешавина на сириски екстремисти и странски борци од каде што некои дезертираат во редовите на Исламската држава.

Корасан групата е повеќе фокусирана врз меѓународни напади. Корасан групата не е заинтересирана за етаблирање калифат или за соборување на сирискиот претседател Асад.

Експертите не знаат колку членови има Корасан групата, ниту, пак, од кога таа постои. Вашингтон верува дека таа го користи конфликтот во Сирија за отскочна даска за напади во западните земји.

Оперативниот директор на Здружениот штаб на американските сили, генерал Вилијам Мејвил, вели дека главна цел на Корасан е Западот и оти затоа регутира странски борци кои можат со пасоши од западни земји да се вратат во нивните земји и да вршат напади.

„Корасан групата е повеќе фокусирана врз меѓународни напади. Корасан групата не е заинтересирана за етаблирање калифат или за соборување на сирискиот претседател Асад“, вели Макс Абрахамс, аналитичар за тероризам во Советот за надворешни односи, кој додава дека на таков начин групата сака да покаже оти милитантите на Исламската држава не се единствени во играта.

Тоа го потврдува и портпаролот на Пентагон, адмирал Џон Кирби.

„Корасан групата, огранок на Ал Каеда и на Ал Нусра е во финална фаза на, веруваме, напади врз западни цели, можеби во Европа и во Соединетите држави.“

Шефот на американското разузнавање Џејмс Клапер оценува дека што се однесува до безбедноста внатре во Соединетите држави, Корасан групата била многу поопасна од Исламската држава.

Оваа група е раковедена од 33-годишниот Мухсин ал Фадли од Кувајт, кој до неодамна живеел во Иран, од каде што им давал логистичка поддршка на членовите на Ал Каеда во Сирија.

Името на групата произлегува од еден регион во Иран, но исто така е име и на историско подрачје во кое биле вклучени делови на Иран, Авганистан и Централна Азија.

Вашингтон повеќе од една деценија го следи Фадли и според некои наводи, тој асистирал во префрлувањето оперативци на Ал Каеда од Пакистан преку Ирак и Турција во Европа, Северна Африка и Сирија.

Исто така тој учествувал во борбите против руските сили во Чеченија. Се верува дека Фадли пред три години го напуштил Иран и сега оперира во Сирија.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG