Што е ново во новата учебна година?

Илустрација.

Македонија се вклучува во Програмата за меѓународно оценување на учениците ПИСА 2015. Учениците ќе се тестираат по математика, читање и природни науки.

Околу 280 илјади ученици, од нив околу 19 илјади првачиња, денеска седнуваат во школските клупи. Учебната година почнува со засилени хигиенски мерки како превентива од жолтицата што доби епидемиски размери летово. Учениците од прво до трето одделение, пак, ќе учат повеќе математика и природни науки според новиот Кембриџ метод. Главоболки на родителите им задаваат и задолжителните бесплатни униформи, кои на крајот нема да испаднат баш бесплатни.

Дали направивте пилот проект за да ги проверите учебниците со нашите услови? Дали учебниците кои се прилагодени за една друга образовна средина ќе дадат исти резултати?
Петар Атанасов, СДСМ.

Илустрација.

За разлика од досега, кога првачињата учеа само да ги препознаваат броевите од 1 до 10, од оваа учебна година тие ќе бројат до 100 и назад, а ќе читаат и пишуваат од 0 до 20. Реформата според меѓународниот центар за наставни програми Кембриџ и со нивни преведени и адаптирани учебници, предвидува и да научат да бројат во парови, но и собирање и одземање. Исто така, за учениците од прво до трето одделение се воведува предметот Природни науки, во кој ќе се изучуваат делови од физика, хемија и биологија. Наставниците се жалат дека сè уште немаат нагледни средства за ваквата програма.

Децата во Македонија сосема солидно можат да ги совладаат постоечките наставни програми по математика и природни науки преземени од Кембриџ, исто како што тоа го прават и останатите деца од Европа.
Весна Хорватовиќ, директорка на Бирото за развој на образованието.

Петар Атанасов од СДСМ вчера обвини дека ова покажува дека власта продолжува со импровизации во образованието.

„Дали направивте пилот проект за да ги проверите учебниците со нашите услови? Дали учебниците кои се прилагодени за една друга образовна средина ќе дадат исти резултати? Дали учебниците за кои вашите експерти велат дека ќе ги учат децата на критичко размислување, ќе продолжите да ги комбинирате со екстерното тестирање? Малку ли беа стресовите од екстерното тестирање кои и не бараат знаење туку, напротив, само меморирање одговори?! Клучот за успех е во модерна настава со мотивирани и обучени наставници и професори, а не со притисоци врз образовниот кадар во училиштата“, вели Атанасов.

Директорката на Бирото за развој на образованието Весна Хорватовиќ, пак, вели дека сите наставници летоска биле на обука и се подготвени за новите програми.

„Децата во Македонија сосема солидно можат да ги совладаат постоечките наставни програми по математика и природни науки преземени од Кембриџ, исто како што тоа го прават и останатите деца од Европа. Од досегашните анализи, голем број од децата ни кажуваат, кога ги анкетираме, дека им е по малку и здодевно на часовите, бидејќи нели тие веќе знаат и да пишуваат и да бројат и да прават математички операции, така што мислиме дека е вистинско време за воведување на овие програми“, вели Хорватовиќ.

Математиката, пак, станува задолжителен екстерен предмет за матура во гимназиите, а од догодина и во средните стручни училишта.

Министерството за образование најави дека Македонија се вклучува во Програмата за меѓународно оценување на учениците ПИСА 2015, која претставува една од најчесто користените алатки во светски рамки за мерење и оценување на практично применливото знаење што го стекнуваат учениците во образовниот систем во матичната земја. Пробното тестирање се спроведе во мај годинава, но резултатите не беа објавени. Учениците се тестираат по математика, читање и природни науки. Ова беше второ учество на Македонија во ова истражување. Првото се одржа во 2001 година и тогаш земјата беше меѓу последно рангираните. Од вкупно 41 земја кои биле вклучени во тоа тестирање, Македонија се пласирала на 38 место по математички вештини, а на 36 во однос на писменост во природните науки. Хорватовиќ смета дека воведувањето на новите програми по математика и природни науки ќе доведе до подобрување на наставата по овие предмети, а со тоа и на резултатите на меѓународните тестирања.

Учениците од основните и од средните училишта првиот школски час ќе го почнат со миење раце, а пред да влезат во училиштата ќе ги бришат чевлите на крпи со дезинфекциско средство, а ќе им се одржат предавања за лична хигиена и за тоа како се пренесува жолтицата.

Родителите се жалат и дека воведувањето на училишните униформи во неколку општини нема да биде баш бесплатно како што се најавува. Бесплатни се две блузи со долги ракави и еден пар пантолони, но ако некој сака уште едни пантолони, маици по кратки ракави или здолништа за девојчињата, за тоа треба да си плати.