Дали средното музичко училиште ќе остане во стариот објект или ќе треба да бара решение за дислокација? Ваква расправа за состојбата со школото кое пред неколку месеци стигна до американската Си Ен Ен поради лошите услови за настава, се разви деновиве во општинскиот совет на самиот старт од учебната година.
Во внатрешноста на училиштето, односно санитарните јазли и инфраструктура внатре не е ништо подобрено. А во последно време се слуша и дека учениците ќе бидат дислоцирани.Габриела Илиевска, советник од ВМРО-Народна партија.
Советниците од опозицијата прашаа каде е реконструкција врз тоалетите што во февруари ја вети општина Битола и дали е точно дека учениците ќе бидат преместени во друг објект.
„Во јавноста се шират секакви информации дека она што беше само работа на Министерството за образование е завршена, односно реконструкцијата на надворешната фасада и дограмата. Но, во внатрешноста на училиштето, односно санитарните јазли и инфраструктура внатре не е ништо подобрено. А во последно време се слуша и дека учениците ќе бидат дислоцирани“, изјави Габриела Илиевска, советник од ВМРО-Народна партија.
Ние не отстапуваме од она што го ветуваме и понатаму ќе му помогнеме. Но, дефинитивно целосното решение треба да го најдат со документ заедно со ресорното министерство.Владимир Талески, градоначалник на Битола.
Градоначалникот на општина Битола, Владимир Талески објасни дека средното музичко училиште е единственото во градот кое е под надлежност на државата, а не под локалната власт. Тој посочи дека поради зголемениот број на ученици, а ограничените просторни можности, школото морало да се прошири, па го зело на користење објектот од другото средно училиште „Таки Даскало“.
„Со одлука пред повеќе години меѓу средното музичко училиште и друго гимназиско средно училиште, музичкото е префрлено во просторот на другото училиште. Директорката на средното музичко побара помош за понатамошна реконструкција од Министерството за образование, но тука има една постапка која ќе мора да се доврши, имено размената за простор не е одобрена од Министерството за образование. Тоа дури сега се информира дека имало договор меѓу двете училиште пред девет години“, изјави Талески.
Тој додаде дека доколку тоа остане така и се прифати договорот на двете училишта поедноставно ќе се заврши реконструкцијата.
„Ако не, државното музичкото училиште ќе мора да побара начин каде да се проширува во иднина. Ние не отстапуваме од она што го ветуваме и понатаму ќе му помогнеме. Но, дефинитивно целосното решение треба да го најдат со документ заедно со ресорното министерство“, изјави Талески.
Директорката на средното музичко училиште, Марина Коруновска, вели дека не може да дава изјави дури не добие одговор од ресорното министерство дали прифаќаат школото да остане на старата адреса. Одговорот се очекува најдоцна до среда.
Јавноста дозна за лошите услови во средното музичко училиште откако учениците во февруари излегоа на протест и се пожалија дека фасадата, училниците, тоалетите им се руинирани, а свират и на дупнати и раштимани инструменти. Фотографии испратија дури до Си Ен Ен, кој, пак, објави напис дека училиштето наликува на ментална болница од Втората светска војна. По ова државата ја реновираше надворешната фасада, а беше сменет и директорот на школото.